СДСМ ги утврди кандидатите за техничка влада, течат разговорите за изборни коалиции
Централниот одбор на СДСМ ги утврди кандидатите за техничката влада. Ново име има само во ресорот внатрешни работи, каде како дополнителен заменик министер ќе седне Митко Бојмацалиев, актуелен Шеф на кабинет на министерот Спасовски. Јована тренчевска ќе биде дополнителен заменик министер во ресорот труд и социјална политика кој го предводи и сега. Останатите министри остануваат на своите места. Највисокиот партиски орган ја потврди и одлуката која веќе беше позната, Јован Митревски во последните 100 дена ќе го предводи Собранието.
Лидерот на партијата вели СДСМ со овој чекор ја испочитува законската обврска, очекува истото да го направи и ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е законска обврска. Тоа е исто како мене да ме прашате дали ќе поднесам оставка на сто дена пред Владата, а јас да ви кажам, не, ќе поднесам на 96. Тоа е непочитување на законот. Сите политички партии во согласност со Законот за Владата и Законот за изборите треба да ги исполнат своите обврски, да не се остава никаква дамка на изборниот процес“, рече Ковачевски.
Централниот одбор го овласти Ковачевски да ги води преговорите за предизборни коалиции, сите партии кои го поддржуваат европскиот пат на земјата можат да се приклучат кон широкиот Европски фронт. Неизвесно останува дали кон овој фронт ќе се приклучат ДУИ и Алијанса, лидерите на трите партии веќе преговараат но Таравари ја исклучи можноста за вакава предизборна коалиција.
Според веќе утврдените датуми, техничката влада треба да стапи на сила на 28 јануари, првиот круг од претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори на 8 мај.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
