Македонија
13. November 2023 - 17:10

Партиите подготвени за избори, но се уште не седнуваат да договараат датум

Европскиот сојуз за промени што го сочинуваат партиите на Меџити, Гаши и Касами, од денеска ќе има своја пратеничка група во парламентот составена од 6 пратеници. Шеф на парламентарната група на албанската опозиција ќе биде пратеничката Сафије Садики Шаини. 

Како што објаснија лидерите од овој Сојуз, преку овој начин партиите ќе добијат поголеми деловнички можности во работата на Собранието.

Од новата пратеничка група и со прва реакција. Се сомневаат дека власта подготвува нефер избори.

- Апелираме до Талат Џафери да не го пролонгира членот на Државната изборна комисија - ДИК од нашите редови. Целосно сме посветени на борбата против ДУИ и нивните чираци, а тоа нас не прави посилни. Ние сме одлучни оваа битка да ја водиме до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ. Граѓаните сакаат промени и таа лавина никој не може да ја спречи.

Сепак, опозициската тројка се надева ќе биде дел од работната група што ќе договара датум за избори. Но, ниту власта, ниту опозицијата се уште не знаат кога оваа група ќе биде формирана, иако и двете страни велат дека се подготвуваат за избори.

Од друга страна, и собранискиот спикер Џафери денеска на координација повторно ги потсетил координаторите на пратеничките групи од власта за можните датуми за претседателски и парламентарни избори.

Според овие комбинаторики единствена можност за заеднички избори засега е 8 мај – среда.