Власта и опозицијата и натаму различно го читаат Извештајот на Европската комисија
Извештај за уназадување, а не за напредок на Македонија. вака опозицискиот лидер го оценува најновиот извештај на Европската комисија која нотираше дека нема напредок во судските реформи и борбата со корупцијата.
Мицкоски вели дека Европската комисија само го констатира она што граѓаните секојдневно го живеат, а опозицијата предупредува со години. Според него овој документ е само уште еден доказ дека на Македонија и се потребни избори час поскоро и смена на власта.
Инфлацијата руши рекорди, стандардот е низок, учениците во училиштата еве ноември дојде ќе заврши уште малку и првото полугодие сеуште немаат добиено учебници, македонското здравство го тресе скандалот кој што е резултат на канцер мафијата на клиниката за радиологија и онкологија, пензионерите протестираат бидејќи пензиите не стасуваат ниту за лекови, а камоли за нешто повеќе, младите се селат, комплетна апатија, нема инвестиции, договорите и проектниот менаџмент е на највисоко ниво. Но, за жал корупцијата и криминалот се во пораст и цветаат, зборувам и оној вистински криминал и оној политичкиот криминал и нема како тоа да не биде сликано во еден ваков извештај за уназадување на Македонија, а не за напредокот, кажа Мицкоски.
Собранието го доби најлошиот и најнегативниот извештај за работењето на Собранието, порачува и поранешниот спикер Вељановски.
Правејќи споредба со периодот пред и по 2017та Вељановски пишува дека злоупотребата на закони со европско знаменце е измислица на оваа власт, започната во 2018та со носењето на Законот за употреба на јазиците, а оттогаш Комисијата за европски прашања противуставно е направена втор законодавен дом.
Спротивно на ова владејачката партија и денеска вели дека извештајот на Европската комисија потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е главен кочничар на реформите. Потпретседателката на СДСМ Лукаревска на денешната трибина во Струмица потсети дека не така одамна комисијата нотираше дека Македонија е заробена држава.
Извештајот од своја страна го коментира и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој на социјалните мрежи пишува дека во делот за борба против организираниот криминал, забележан е континуитетот во доброто ниво на оперативна соработка со земјите-членки на ЕУ, соседните земји кои не се членки на ЕУ, Европол и Европравда во текот на извештајниот период
Напредок Европската комисија нотира и во делот на цивилна заштита, директорот на центарот за управување со кризи вели дека напредокот е резултат на упешната имплементација на бројот за итни повици 112 изминатите година и половина.
Ангелов вели дека бројот 112 е достапен 24/7 за сите граѓани кои имаат потреба од било каква помош. Дневно центарот добива од 1500 до 2000 повици, а негова надградба е предвидена со европска финансиска помош преку ИПА фондовите.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
