Германската амбасадорка со јасна порака по извештајот на ЕК
По евроамбасадорот Гир, и германската амбасадорка Дрекслер со порака дека државата мора да испорача подобри резултати во владеењето на правото и борбата против корупцијата ако сака да се надева на европска иднина. Дрекслер во коментар за скорешниот Извештај на Европската Комисија вели е добра основа за идните преговори.
Извештајот за Северна Македонија е многу важен и значаен бидејќи преку него се мери напредокот во различни области. Извештајот претставува добра основа за дискусија, добра основа за идните преговори и покажува во кои области што е постигнато, и во кои области во иднина што треба да се постигне. Тука ќе ги спомнам владеењето на правото и борбата против корупцијата, рече амбасадорката Дрекслер при денешната посета на Битола.
И додека амбасадорите бараат реформи, не стивнуваат партиските обвинувања за лошите оценки од Брисел. За СДСМ извештајот покажува добар напредок во најголем број поглавја, а стагнација има само во поглавјата каде блокирала опозицијата.
Прогрес имаме во 81% од поглавјата, а назадување нема во ниту едно поглавје. Во однос на подготвеност на поглавјата, во 90% сме со соодветно ниво на подготвеност.
Поразително за ДПМНЕ е тоа што во овој Извештај на ЕК стои дека „Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокираше парламентарната работа, што беше значајна пречка за напредок.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека одговорноста е исклучиво на власта.
Владата е лично одговорна за лошите оценки. Адресата за тоа кој е одговорен за немањето напредок е на „Илинденска“. Залудно Османи се крие зад опозицијата. Залудно Маричиќ го прозива ВМРО-ДПМНЕ.... СДСМ и ДУИ бираа членови на Судскиот совет кои потоа бизарно беа разрешувани. Извештајот јасно покажува дека нема прогрес во правосудството. А, потоа извештајот ги набројува оставките на високите функционери во Судскиот совет, голем дел предложени од СДСМ.
Слично гледаат и од албанската опозиција. Од партијата на Меџити обвинуваат дека ДУИ деновиве прави медиумска хајка за претседателката на Врховниот суд Беса Адеми која јавно проговори за политички притисоци.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
