Македонија
8. November 2023 - 16:37

ВМРО-ДПМНЕ: Извештајот на ЕК е одраз на тажната реалност

Извештајот на Европската комисија е доказ за лажните изјави на СДСМ и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Тој е одраз на тажната реалност во Македонија каде е нотирана стагнација, а некаде и уназадување. Ова е првичната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бриселската оценка за напредокот на земјава во евроинтеграциите.

„Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевки, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките.

Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција!”

Од партијата на Мицкоски ги посочуваат деловите на Извештајот во кој државата се критикува дека не ги имплементира препораките на ОБСЕ, иако министерот Османи се промовира како претседавач на оваа организација и троши милион евра за најмување на возила. Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека Брисел забележува на директното склучување на договорот со Бехтел и Енка за коридорите 8 и 10Д што може да биде извор на корупција, за прекумерната злоупотреба на европското знаменце, како и за тоа дека контроверзното разрешување на претседател на Судскиот совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание.

Од СДСМ засега без реакција на веќе објавениот Извештај. Од таму чекаат документот официјално да биде предаден од страна на евроамбасадорот Гир, па потоа ќе излезат со соодветна оценка.

Единствен од Владата кој го коментираше Извештајот е министерот Османи. Според него лошиот извештај од ЕК се должи на политичката поларизација и блокадата што ја направила опозицијата, поради што државата не можела да ги исполни условите од преговарачката рамка и ги забавила реформите.

„Ќе  го ревртиме секој камен за да ги направиме уставните измени. Без нив нема напредок кон ЕУ. Се до последниот здив ќе работиме за уставните измени. Не може само ДУИ да има одговорност за евроатлантската иднина на земјата. Според мое толкување, детектираните слабости се последица на една причина - а тоа е обидот на политичките интереси да се стават пред државните …Иронија е да се борите со корупција, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24, што значат директна борба против корупција“.

Иако оценката во судството е една од најлошите, а државата доби критика дека недоволно се бори со високата корупција, јавниот обвинител Јовески без конкретна реакција за Извештајот.

Да видиме што констатира ЕУ, па после тоа ќе се произнесам во врска со ставовите во извештајот