Израел ја прошири копнената операција во Газа
Израелските копнени сили ги прошируваат операциите во појасот Газа. Паралено се интензивираат и воздушните удари. Во текот на ноќта биле убиени повеќе команданти на Хамас и уништени над 150 цели на палестинските милитанти објави израелската армија, а воедно упати и порака до цивилите во северниот дел на Газа.
- Движете се на југ за ваша безбедност. Ова не е само мерка на претпазливост, ова е итна молба. Во Газа напредуваме во фазите на битката. Синоќа силите на ИД влегоа во северна Газа и ја проширија теренската операција. Во оваа операција се ангажирани пешадија, оклопни, борбени инженерски и артилериски сили кои се придружени од тешки оган. Националните безбедносни сили и ИД успеаја да убијат повеќе команданти на Хамас и терористички команданти, изјави Даниел Хагари, портпарол на изарелската армија.
Хамас возвраЌа со ракетни напади кон Тел Авив. Израелските напади го променија пејсажот на северна Газа реагираше службата за цивилна одбрана во Газа под контрола на Хамас. Многу згради, куќи, болници, училишта се уништени а во прекин се комуникациските мрежи.
- Нападнати сме преку земја и воздух. Не станува збор само за копнена инвазија, туку и за поморски и воздушни инвазии. Бевме цел додека се засолнивме во училиште - 30 луѓе беа повредени. Дали е ова живот? Ова не е живот, вели жител на Газа сити.
Израел вети дека ќе дозволи повеќе камиони со хуманитарна помош да влезат во Газа. Во меѓувреме, шест камиони влегоа во Газа од Египет, носејќи итни медицински материјали и опрема за прочистување на водата. Синоќа Генералното собрание на ОН на вонредна седница усвои резолуција која повикува на итно и трајно хуманитрано примирје помеѓу израелските сили и милитантите на Хамас во Газа. Гласањето помина со 120 земји „за“, 45 воздржани и 14 против. Од петте постојани членки на Советот за безбедност, Франција, Русија, Кина гласале ЗА, САД биле против а Велика Британија била воздржана. Од регионот, Словенија, БиХ и Црна Гора гласаа „за“, Хрватска „против“, додека Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и Грција беа „воздржани“. Резолуцијата донесена на предлог на Јордан, ги осудува актите на насилство врз палестински и израелски цивили и повикува на итна хуманитарна помош во Газа. Во текстот не се споменува Хамас по име, нуту пак заложниците земени од милитинатите. Хамас ја пофали а Израел остро ја осуди резолуцијата. Одлуките на Генералното собрание не се правно обврзувачки.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
