Специјалниот пратеник на Германија за Балканот втор пат во 3 месеци во Скопје
По посетата на американскиот дипломат Габриел Ескобар, денеска во дипломатска офанзива со средби со власта и опозицијата допатува германскиот специјален пратеник за Западен Балкан Мануел Сарацин. Темата на состаноците очекувано се евроинтеграциите и уставните измени како услов за почеток на преговорите со Брисел, но и последните експресно донесени измени на Кривичниот законик со кои се намалија казните за корупција направена од функционери.
Германскиот пратеник агендата ја почна со средба со собранискиот спикер Талат Џафери. Како што истакнуваат од неговиот кабинет, Сарацин ја понудил својата помош и поддршка во процесот на евроинтеграциите истакнувајќи дека Германија посакува процесот на уставни измени за да се заокружи што поскоро.
„Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на нашата земја од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување. Негово видување е дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти“, велат од кабинетот на Џафери за средбата.
Веднаш потоа Сарацин замина на средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, но од таму велат дека лидерот го реафирмирал ставот дека оваа влада нема легитимитет за уставни измени и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна дека со последните измени на кривичниот законик кој ги направи власта со европско знаменце всушност се подготвува за опозиција и директно ги амнестира своите кадри кои во ова гледаат начин да ја одбегнат правдата. Еден од најважните приоритети на идната Влада ќе биде борбата против корупција, истакна Мицкоски“, се вели, дополнително, во соопштението на партијата.
Специјалниот пратеник за западен Балкан на Германија попладнево за истите теми ќе се сретне и со премиерот Ковачевски.
Ова е втора посета на Сарацин за помалку од три месеци. Утре, заедно со германскиот министер за надворшени работи Михаел Рот кој исто пристига во Скопје, Сарацин ќе учествува и на настан за „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна демократија“.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
