Утре е денот на одлука дали ќе има уставни измени - Власта повикува на консензус, опозицијата не попушта
Без потребните 80 гласа власта утре ќе ја стартува седницата за уставните измени со кои во Преамбулата и Комитетот за односи со заедниците ќе се внесат Бугарите, но и делови од други народи. Против промената на Уставот, која е дел и од преговарачката рамка со ЕУ, се уште гласно застануваат 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и двајца на Левица.
Собраниската дебата за премиерот Ковачевски е добра шанса за граѓаните да се уверат дека измените не се под бугарски диктат и дека со нив не се задира во индетитетот. Сепак, тој не открива кој е планот долку уставните измени не успеат, и зошто избори во тој случај не се опција.
Шефот на дипломатијата Османи пак, со писмо ги убедува пратениците да застанат зад процесот.
„Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, пишува Османи.
Иако не открива дел од својата стратегија за настап на утрешната седница, македонската опозиција тврди наместо уставни измени утре треба да се гласа за распуштање на Собранието.
„Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Утре ќе се види повторно дека промена на Устав нема да има. Се што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт. Додека Ковачевски и власта продаваат магла, нивните пајташи низ државата прават криминал, договараат тендери и матни зделки, а народот се иселува. Време е Ковачевски да се исели од владата, а не народот од државата“, е последната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Против уставните измени застануваат и од Социјалистичката партија обвинувајќи ја власта за поданички однос кон Бугарија само поради власт.
„За неа единствена цел е преку наводното отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, преку распродажба на националните и државните интереси, купување уште некое време на власт и голо додворување кон гласачите со лажната претстава за скор влез во ЕУ“, велат од СПМ.
И за Демократски сојуз извесно е дека нема граѓански и политички консензус Бугарите да станат конститутивен народ во Македонија.
„ Доколку пратениците водат сметка за автентичните национални и државни интереси, како и за евроинтеграциите, тогаш ќе ја донесат најиздржаната одлука, ќе го распуштат Парламентот.“, велат од партијата на Трајанов.
Албанската опозиција пак, дава поддршка на уставните измени во име на европеизацијата. Гаши, Касами и Меџити го повикаа спикерот Џафери утре веднаш да ги стави на гласање.
Седницата за утврдување на потребата за промена на Уставот трае најмногу 10 дена. Имајќи ги пред вид политичките ставови се претпоставува дека таа ќе трае ден до два, по што спикерот Џафери како што најави ќе го одложи гласањето на неодредено време чекајќи сигурно 2/3 мнозинство.
Но, пред воопшто да почне расправат власта треба да обезбеди кворум и потврда на дневниот ред со најмалку 61 пратеник.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
