Македонија
26. July 2023 - 21:15

Без чувари, заштитна ограда и безбедносни камери - затворот Идризово и натаму ризик за безбедноста

Затворот Идризово останува небезбеден и претставува ризик по сигурноста, па поради тоа Собранието попладнево ја продолжи кризината состојба во скопска Гази Баба до 5 ноември.  До тогаш најголемиот затвор во државата, во кој казна издржуваат сторителите на најтешки кривични дела, како тероризам или убиства, ќе обезбедуван со помош на војската, на што се согласил и шефот на државата Пендаровски.

Состојбата во затворот според опишаното во Одлуката е очајна -  недостасуваат над 100 затворски полицијаци, нема заштитна ограда во должина од 5 километри, нема скенер за рачен багаж, а нема ни целосен видео надзор. Управата за извршување на санкции неколку пати се обиде да вработи луѓе, но безуспешно.

Кризната состојба беше продолжена само со гласови на власта. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека се работи за опасен преседан.

„Војска да чува затвори, Во која НАТО држава, во која членка на ЕУ или цивилизирана држава ова се случува. Ова е срам за една демократија, за држава која што сака. ...Што правиме ако утре, владата се сети да прогласи кризна состојба во општина Центар, каде што е собранието. Дали Армијата ќе може да биде употребена и со кои правила ќе биде употребена. Армијата не е полиција“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ковачки пред гласањето.

Познавачите исто така коментираат дека неколку месечна кризна состојба поради обезбедување на затвор со војска е неприфатливо. Даваат предлог обезбедувањето да го преземат приватни агенции за обезбедување со лиценцирани обезбедувачи.

Пратениците всушност ја продолжија кризната состојба која Владата ја прогласила прв пат на 6 јуни.

Затворот Идризово е во лоша состојба уште од почетокот на годинава. Од таму во филмско бегство избега затвореник кој наводно се упатувал во Ургентниот центар, а во март годинава беше пронајден тунел од 40 метри и план за бегство во затворениот дел од установата.