Дали запалениот автомобил е на Артан Груби?
Опожареното „ауди“ во Чаир се поврзува со вицепремиерот Артан Груби. Медиумите на албански јазик пишуваат дека возилото го користел лично вицепремиерот, но извори на Сител велат дека во документите на автомобилот никаде не се споменува името на Груби.
Според наши информации, возилото е во сопственост на извесен Бекир Лимани, што се совпаѓа со иницијалите кои во официјалното соопштение ги испрати МВР.
-Денеска во СВР Скопје е пријавено дека околу 03:30 часот на ул.”Струмичка” настанал пожар во патничко возило “ауди” со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л.(35) од Скопје. Пожарот е изгаснат, повредени лица нема, а увид изврши увидна екипа на СВР Скопје“, соопштија од МВР.
Возило марка „ауди“ го нема ниту во Анкетниот лист Груби го доставил до Антикорупциската комисија. Според него, вицепремиерот поседува само едно возило старо 22 години. Станува збор за „цитроен ксара“ од 2001 година кое тој го проценил на 1.000 евра.
Се обидовме да добиеме информација лично од Груби, дали возилото е негово и дали го користи, но вицепремиерот не се одзва на нашите повици и пораки. Но се огласи на социјалната мрежа Фејсбук, каде не откри дали возилото е негово или дали тој го користи. Палењето на „аудито“ сепак го окарактеризираше како напад врз него.
-Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите. Континуираните закани и последователни напади ги сметам за кукавички и подмолни, но немам намера да запрам и да престанам да работам и да ги исполнувам очекувањата на граѓаните, вели Груби.
Дали ова „ауди“ е на вицепремиерот или не ќе треба да утврдат истражните органи. Ако тој го користи постојано, а се води дека е сопственост на друго лице, тогаш се поставува прашањето дали Груби го крие својот имот.
Но, ова возило и во минатото беше поврзувано со вицепремиерот. Порталот Телеграми.мк, во 2021 година пишуваше дека Груби на приватно возило поставил и флешери, што е спротивно на закон.
Во меѓувреме, неговиот сопартиец и колега, министерот Османи на Фејсбук тврди дека „аудито“ сепак е во сопственост на Груби.
-Револтиран сум од веста за одвратниот чин – палењето на возилото во сопственост на вицепремиерот Груби. Овој чин на насилство со омраза не е само напад на почитуван колега, туку и навреда на нашите демократски вредности и структурата на нашето општество, вели Османи.
Властите подолг период заговараат Закон за потекло на имот кој практично би можел да го отвори патот за одговарање на овие прашања. Досега направена е драфт верзија со неформала работна група формирана преку кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, Грковска, а сега постапката е префрлена во Министерството за правда.
Груби во една прилика, прашан за зголемувањето на платите на функционерите од 78% се пожали дека и покрај покачувањето, платата му била пониска од претходното работно место.
-Значи, сите се различни. Јас гледам дека е најмала од сите вицепремиерската и од премиерот. И е многу помала од претходната плата во моето претходно работно место, рече Груби во мај годинава.
Според анкетниот лист, Груби поседува стан во Скопје од 115 метри квадратни, автомобилот стар 22 години. Тој годинава продал стан и заработил 30.000 евра. Поседува платежна картичка со салдо од 140.000 денари, два депозита од 138 и 157 илјади денари. На трансакциската сметка има речиси 4 и пол милиони денари, а пријавил и легализација на недвижен имот во вредност од 1 милион денари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
