Македонија
19. July 2023 - 16:38

Економија: Министрите навреме добиле информации за рудниците, владина одлука нема да ја остави компанијата без концесии

Барањето за спојување на двете концесии за Иловица до влада било доставено еден ден пред владината седница на која министрите одлучија тие да се спојат. Дискусијата траела околу 20 минути, а министерот Бектеши ја образложил одлуката на Управниот суд и документацијата за барањето на Еуромакс.

Вака тврдат извори од Економија по обвинувањата од тројца министри дека биле измамени од Бектеши кога гласале за спојувањето на двете концесии.

Идниот вторник тој ќе треба повторно да го образложи барањето на концесионерот, по што се очекува Владата да ја ревидира својата одлука. Без разлика каква и одлука да донесат министрите за спојувањето на концесиите, компанијата Еуромакс ресорсес ќе ги има двете концесии. Доколку владата го одбие барањето за спојување на концесиите, тогаш компанијата ќе има право да се жали на суд со оглед на тоа што членот 61 од Законот за минерални суровини предвидува дека на концесионерот му се дава можност да спои две соседни конесии за експлоатација доколку се работи за ист сопственик и ист вид на минерална суровина.

Министерството за економија нема механизам со кој може да ја запре оваа постапка и барањето да не го достави до владата доколку документацијата е комплетна.

Но концесионерот сега ќе треба да поднесе барање за дозвола на експлоатација за минерални суровини. Процедурата за добивање на оваа дозвола трае четири години и за тоа време тие ќе треба да поднесат десетина документи, меѓу кои и Елаборат за животна средина кој би можел да биде клучен, бидејќи доколку Министерството за животна средина го одбие овој Елаборат, тогаш рудникот нема да може да ја добие оваа дозвола.

За тоа што владата ќе одлучи на следната седница, во вторник, премиерот Ковачевски уверува дека приоритет ќе биде интересот на локалното население.

-При тоа ќе мора да се внимава на интересот на граѓаните бидејќи јас тоа јасно сум го кажал и како претседател на Влада и политичката партија од која јас доаѓам, од првиот ден. Дека рудници единствено може да има со согласност од граѓаните коишто живеат во одреден регион. Ако се тие против рудник не може да има, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашан за спојувањето за концесиите вината ја гледа во министрите кои гласале, а кои во јавноста кажаа дека се чувствуваат измамени од министерот Бектеши.

-Вчера имаше седница на Владата. Ако јас се чувствувам излажан, изманипулиран, логично е на самата седница да излезам и да кажам: „Тој и тој мене ме излажа, ме изманипулира, јас поддржав нешто што во суштина не сакам да поддржам. Ве молам, сакам таа точка да се врати назад или пак да дополнам со друга точка и да ја поништам концесијата.“ Јас такво нешто од страна на Влада не слушнав, вели Мицкоски.

Процесот за отворање на рудници во Иловица е почнат во 2006 година. Најголем дел од процедурите се завршени во периодот од 2006 до 2019 година каде сите засегнати институции давале позитивно мислење кога тоа било барано од нив.

Еуромакс ресорсерс согласно сегашната процедура, дури и доколку и биде дозволено да ги отвори двата рудници, тие нема да можат да почнат со работа пред 2027 година. Доколку тие се отворат ќе можат да експлоатираат руда до 2042 година.