Македонија
17. July 2023 - 20:03

Нова тројка европски министри во убедувачка мисија за уставни измени

Иста порака – различни гости. Претставниците на „Вајмарската тројка“ од Скопје повтори дека приоритет на Европската унија е продолжување интеграцискиот процес со успешни уставни измени.

-Имам три пораки за вас. Првата е дека Северна Македонија припаѓа на семејството на ЕУ. Втората е дека одлуката е сега којашто се наоѓа во рацете на Северна Македонија, а третата порака е, како што посочи вицепремиерот е дека сега треба да се направи чекорот на Северна Македонија поради импулсот на сила што го имаме за проширување на ЕУ, рече Државната секретарка за Европа при Советот на министри на Франција, Лоранс Бун.

Германската министерка за Европа и клима рече дека подобар договор со ЕУ, од оној од минатата година не може да има. Рече дека сега е време да се искористи моментот кога во Брисел фокусот е проширување на Унијата.

-Важно е да се продолжи на патот сега. Следниот чекор на овој процес е измени на Уставот. Овие измени ќе ја покажат Северна Македонија како пример за мултиетничко општество. Потврдувањето и заштитувањето на малцинството е темелот на европските права и обврски. Измената на македонскиот Устав ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности, рече министерката за Европа и клима на Германија, Ана Лирман.

Заедничката посета на министрите од Полска, Германија и Франција е силна порака дека овие три држави ќе придонесат во интеграцијата на Македонија во ЕУ, смета полскиот министер.

-Сега се наоѓа во рацете на македонската политичка класа. Договорени се измени на Уставот меѓу Северна Македонија и ЕУ што ќе ви овозможат да продолжите со следниот пресуден чекор кон ЕУ. Секако, ова ќе биде сериозна одлука за Северна Македонија, рече министерот за Европска унија на Послка, Шимон Шинковски вел Сенк.

Денешната посета доаѓа по минатонеделната средба во Скопје меѓу македонскиот министер за надворешни работи и шефовите на дипломатиите на Австрија, Словачка и Чешка. И тие практично ги имаа истите пораки дека уставни измени мора да се спроведат доколку сакаме Македонија да го продолжи патот кон ЕУ.

Неодамна претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен претстави план од четири столбови за забрзана интеграција на Западниот Балкан во Унијата. Овој план доби поддршка и од францускиот претседател Макрон, кој важи за еден од челниците кои се против проширувањето и кој ја блокираше Македонија уште пред тоа да го стори Софија.