Македонија
15. July 2023 - 16:33

На местата за куќи никнуваат згради во Пржино - Има ли начин да се сопре бетонизацијата?

Недостатокот на парцели за градење во Центар, Аеродром и Карпош ја разбуди креативноста кај градежните компании.

Пржино станува се полукративна дестинција. Мини-згради никнуваат во речиси секоја уличка и покрај бунтот од жителите.

Досега одржаа и неколку протести поради изградбата на згради на падините на Водно.

Општината стави забрана за изградбата, а денеска ова градилиште се уште посто и и е оградено, но работници нема.

Жителите на оваа слепа уличка, во која живеат 16 домаќинства, велат дека нема инфраструктура која ќе може да издржи уште 16 нови семејства.

-Моментално и денес имаме мали проблеми со паркирање, со разминување на возила итн. Лесна е математиката да додадете двојно возила и луѓе. Актуелно е собирање смет низ градов, како што гледате тука нема ниту каде да се собира сметот. Од основните работи ако тргнеме, тоа е невозможно, вели Ацо Антевски жител на Пржино.

-Овој објект не е зграда иако изгледа така. По документи, станува збор за објект од категорија А1, за индивидуално домување, но со 20 стана.

Поради тоа што Пржино се наоѓа на падините на водно, но и поради тоа што станува збор за трусно подрачје општината не издава дозволи за градба на згради, туку само за куќи. Проблемот е во Правилникот кој дозволува во една куќа да може да се изградат до 32 станбени единици. Ваков објект може да има приземје, два ката и поткровје.

Само неколку улички над градилиштето кое веќе доби забрана за градба веќе има една таква зграда, а до неа се гради објект кој е речиси лепенка. Повеќе изгледа на зграда, но според документи е куќа. Жителите на оваа улица велат дека инвеститорот сега се обидува да извлече најмногу што може.

-Приземниот кат при почетокот на градбата требаше да бидат гаражи. Наместо гаражи сега е изграден спрат. А на сликата, сега ја сокрија, можете да видите дека долниот спрат се гаражи. А каде е влезот уште не знаеме. Штетата е голема, огромна, вели Душанка Караманова, жителка на Пржино.

Жителите стравуваат дека ќе останат без основни услови за живот.

-Ние на пример, од оваа страна летно време немаме вода. Горниот крај може да има вода, а ние тука едвај кубуриме со вода. Со градбата ги подигнаа канлизационите шахти. Дојде инспекција, му наредија за 10 дена да направи шахти. До ден-денес не е направено ништо, вели Караманова.

„Стравувате ли за безбедноста ваша?“

-Па, како да не. Да дрме малку ќе испоуништи се наоколу. Не дај Боже, вели Лилјана Николова, жителка на Пржино.

Според жителите, со бетонизацијата Пржино се намалува квалитетот на живот.

-Се знае, секое урбано населено место не подразбира само згради. Подразбира зеленило, подразбира пристап, подразбира живот за децата. Тоа сето е намалено, вели Марија Нешовска, жителка на Пржино.

За да се се ограничи бројот на станбени единици, општинарите велат дека мора да се промени Деталниот урбанистички план. Но тоа е процес кој трае повеќе од една година. Поради тоа што во Пржино нема нови парцели, измените во ДУП-от би биле само во текстуалниот дел, но од општината велат е многу скапо да се плати нов ДУП само за текстуални промени.

Единствен начин, според општината, за да се ограничи бројот на станови е Автентичното толкување кое Кисела Вода го донела на сопствениот ДУП.

Но Уставниот суд по барање на приватна компанија на претпоследната седница поведе постапка за одредби од Статутот на општината и изрази сомнеж на уставноста и законитоста на Автентичното толкување.

Ставот на Уставниот суд е дека општините немаат надлежност да прават автентично толкување сопствените акти.

- Со Автентичното толкување Советот извршил дополнување и изменување на тој акт, со што фактички ја менува содржината на подзаконскиот акт. Тоа значи дека со ниту едно Автентично толкување, вклучувајќи го и она на Собранието не може да се смета дека Автентично толкување претставува некаква дополна на Закон или измена на Закон затоа што со Автентичното толкување се дава појаснување, како одредена одредба треба да биде применета во пракса, вели портпаролката на Уставниот суд, Кристина Беловска.

Според општина Кисела Вода, оваа одлука е спротивна на интересот на пржинци.

-Уставниот суд директно се стави контра интересот на нашите жители, овозможувајќи им на приватни инвеститори и понатаму да го загушуваат просторот со џиновски зданија кои ќе ги именуваат како куќи. Впрочем, каква е таа куќа во која живеат 32 семејства? Како општина чекаме Одлуката да ни се достави за да ги видиме причините за едно вакво однесување на судиите на Уставниот суд. Едно е сигурно – нема да седиме со скрстени раце и да гледаме како пред нас се крши законот, велат од општина Кисела Вода.

Од Министерството за транспорт, велат дека Правилникот е тој што уредува како треба да изгледаат објектите, но доколку општините имаат проблем, требало да се обратат до Министерството.

-Доколку Општините имаат проблеми со спроведувањето на урбанистичките планови упатуваме апел да се обратат до Министерството за транспорт и врски заедно да ги разгледаме можностите за системска и хиерархиска уреденост во урбанистичкото планирање, со цел за хуманизација на просторот, велат од Транспорт и врски.

И додека институциите водат битка една против друга, жителите стравуваат за иднината на Пржино.

-Што ќе биде од Пржино? Бетонизација? Чист бетон? Нема воздух, нема зеленило..., вели Карамова.

-Се надевам дека нема да треба да одиме на нови протести и се надевам дека не е поентата сите да се иселиме од државата, искрено, вели Антевски.