Македонија
14. July 2023 - 16:33

Шукова е против рудници и утре ќе оди на протест, „Еуромакс Ресоурсис“ предупредува на опасноста од вакви изјави

Владата повторно ќе ја разгледува одлуката за спојувањето на двете концесии за рудниците во Струмица.

Министерката за животна средина вели дека таа лично е против тоа да се градат нови рудници, а утре ќе ги чуе мислењата на локалното население.

-Точно е дека донесе Владата одлука за спојување на концесиите. Тие веќе беа две издадени концесии и со ова спојување немаше проширување на концесискиот опфат. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изразам мојот став, јас сум против изградба на нови рудници во државата. Јас ќе се придружам, ќе бидам утре во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата во координација и со премиерот и со другите министри, ние повторно ќе ја разгледаме одлуката за спојување на двете концесии, рече министерката Каја Шукова.

Според концесионерот, Еуромакс Ресорсес, процесот добива дневно-политичка димензија. Оттаму уверуваат дека инвестицијата е во најдобар интерес на државата, нејзиниот долгорочен економски развој и на локалните заедници.

-Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници. Тоа прејудицира дека истата може да одлучува субјективно и пристрасно кога Еуромакс Ресоурсис ќе го достави дополнувањето на Елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина. Истовремено, најавата за повторно преиспитување на веќе донесената одлука на Владата, патем чиј министер е и таа, за спојување на концесиите чиј носител е Еуромакс Ресоурсис, е доказ за креирање на амбиент на правна несигурност, велат од компанијата.

Според Еуромакс, ваквите изјави како на министерката Шукова се потенцијален доказ против државата во евентуална постапка пред Меѓународна Арбитража и го загрозуваат меѓународниот имиџ на државата.

За утре е закажан протест во Струмица, зад кој стои иницијативата „Здрава котлина“. Активистите од струмичко повторно се кренаа на нозе откако во Службен весник беше објавено дека Владата на седница ги споила концесиите.

Ова се случи откако Управниот суд ја уважи жалбата на Еуромакс против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот Иловица Штука.