Македонија
5. July 2023 - 21:15

Анализа- Кои се опциите на Уставниот суд по најавите на министерот Лога- какви одлуки ќе се донесат?

Откако министерот Лога ќе испрати ново Упатство во соодветен рок до Службениот весник, Уставниот суд повторно по сопствена иницијатива ќе расправа за истата тема. Иако Лога смета дека нова одлука на Уставниот суд би била беспредметна, извори за Сител велат дека и тогаш, уставните судии повторно ќе донесат времена забрана за Упатството за користење на графата „националност“ во изводот од Матично, додека не донесат одлука, дали воопшто тоа Упатство е согласно Уставот. 

Тоа што Лога не го испочитувал рокот не била единствена причина за денешната одлука на Уставниот суд. За тоа зборува и мислењето на уставниот судија Дарко Костадиновски кој на седницата истакна дека Законот за матична евиденција и Упатството кое произлегува од него уредуваат материја која е предмет на уредување и во меѓународни конвенции. Целта на меѓународните конвенции е да создадат меѓународни стандарди кои ги признава меѓународното право, и како такви стануваат општо прифатени норми на меѓународното право. 

- Упатството може да се оспорува и со две темелни вредности на нашиот уставен поредок. Првата е основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени во Уставот. И втората, почитување на општо прифатените норми на меѓународното право. Очигледно оспореното Упатство не ги почитува таквите општо прифатени норми на меѓународното право кои се прифатени и во Македонија, рече уставниот судија, Дарко Костадиновски. 

Овој потег на Лога, според експертите, нема да ја промени суштината на дебатата, но може да ги испровоцира уставните судии.

-Во моментот постапката на Министерството и на министерот е техникалија за избегнување на техничките пречки кои се создаваат по одлуката на судот. Но, тоа не ја заменува суштинската дебата која ја води Уставниот суд, дали таа графа треба или не треба да постои. Се разбира, и двете страни имаат аргумент, едната страна дека се злоупотребува таа графа при Балансерот, втората дека е тоа злоупотреба на гарантираната заштита на лични податоци. И не треба таа дебата да се заобиколи со техникалии или со технички маневар. Таа мора да постои. И на крајот, тоа може да го испровоцира Уставниот суд да ја укине цела одлука, вели аналитичарот Петар Арсовски. 

Професорката Ана Павловска Данева, пак, смета дека Упатството на Лога е противзаконско и нецелисходно. Иако вината ја гледа во Балансерот, за кој смета дека е истрошена алатка, таа смета дека уставниот суд морал да се води според правото.

- Уставниот суд со одлуки како денешнава, наместо да биде врвен толкувач на правото, заштитник на принципот на уставност и законитост, се претвора во правна служба на органите на државната управа, вели Павловска Данева.

Уставниот суд добил уште две иницијативи со кои се оспорува уставноста на содржината на Упатството и користењето на графата „националност“.