Државен ревизор: Неефикасен е енергетскиот систем во време на криза
Неефикасен енергетски систем, капацитети стари по 40 години. Во извештајот за изминатите две години државните ревизори констатираат дека Македонија на долг рок, не може да обезбеди сигурно снабдување со струја
Ова ја прави државата увозно зависна, па така изминатите три години, за набавка на јаглен, мазут и природен гас потрошени се над 588 милиони евра, најголем дел или близу 70% од овие пари биле наменети за купување мазут
За само две години државната ЕЛЕМ од буџетот има добиено над 17 милиони денари помош за да обезбеди струја, но државните ревизори утврдиле дека 10% од овие средства биле потрошени за подмирување на други расходи.
Голем број на државни институции не ги испочитувале ниту владините мерки за заштеда на електрична енергија од 15% на месечно ниво.
Поради енергетската криза и високите цени на струјата голем број фирми и општини нашле начин како да заштедат, па така ревизорите утврдиле над 3000 вакви броила кои биле приклучени на мрежата на Универзалниот снабдувач како „мали потрошувачи“ и така користеле повластена цена на струјата, која се наплаќа од граѓаните.
Производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен и мазут (РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино), се постари од 40 години, што придонесува да се јавуваат чести дефекти и предизвикува помало производство на електрична енергија. Од спроведената анализа, ревизорите констатирале дека, во 2022 година, Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена т.е. во погон функционирал само 1 час,
ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетска криза во најголем дел работел со еден котел. Ревизорите истакнуваат дека наведените состојби го доведува во прашање сигурното, безбедното и ефикасното работење на централите, како и континуирана испорака на електрична енергија до корисниците, се вели во извештајот
Македонија е се уште далеку од производство на електрична енергија од обновливи извори, иако државата има превземено ваква меѓународна обврска. Во моментов 30% од произведената струја е од обновливи извори, а процедурите за приклучување кон оваа мрежа и натаму се многу бавни и неефикасни.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
