Македонија
26. јуни 2023 - 16:50

Синџири, ремени и јажиња во психијатриските болници, по двајца затвореници во кревет во затворите

Синџири, ремени за фиксација, кабел за кој вработените немаат објаснување пронајдени во Психијатриската болница во Демир Хисар. Народниот правобранител објави извештај во кој констатира дека состојбата во Психијатриските болници и затворите во државата е алармантна. 

Омбудсманот вели дека во Демир Хисар не се одржувала хигиената и потребно е итно да се реновира. 

- При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија беше забележан и цврст кабел со должина од 1 метар за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената, рече Зибери.

Состојбата е очајна и во болницата во Бардовци. Персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапија за пациентите, чести се физичките пресметки меѓу пациентите, а неретко жртви на насилство се болничарите. Пациентите постојано бегаат, а главна причина за тоа се лошите услови.

Директорката на Демир Хисар во писмена изјава вели дека нема доволно кадар, ниту кадар посебно стручен и оспособен за работа со најтешки форми на душевни заболувања.

- Целосно сме посветени кон подобрување на третманот почнувајќи од медицински стандарди кои се подобруваат континуирано, преку исхрана, нега, услови за престој и слично. Како дел од лекувањето и третманот, а со цел заштита на самиот пациент, понекогаш неопходна е и тераписка физичка фиксација. Истата се извршува согласно протоколи со максимален надзор од страна на персоналот, вели директорката Ивана Кочовска.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат велат дека таму се вршат квартални надзори. Последниот бил во април годинава, но не биле констатирани никакви нерегуларности. Во следните триесетина дена треба да се направи нов надзор. Лани, ДЗСИ донело решение за состојбата во геријатриското одделение и велат дека за тоа решение било постапено од надлежните во болницата.

Го побаравме и првиот човек на болницата во Бардовци, но наместо изјава добивме известување старо 20 дена за случајот со пациентот кој ги малтретира своите цимери и видеата ги објавува на Фејсбук.
Очајна е состојбата и во најголемиот затвор во државата. Во Идризово, во просторија од 19 метри квадратни престојувале и до 13 затвореници.

- Сериозно загрижувачка состојба беше заткната во т.н. четврто крило кадешто на денот на посетата беа сместени вкупно 124 осудени лица, од кои 36 спиеја на душеци на под во самиот ходник од крилото и користеа заеднички тоалет, рече Зибери.

На 6 јуни во Идризово беше прогласена кризна состојба. Директорот Зоран Јовановски во интервју за Радио Слободна Европа, вчера рече дека нема доволно затворски полицајци. Затворот има долгови од над 1 милион евра, а како што вели Јовановски, институциите заборавиле дека затворот воопшто постои.