Власта тргна во остварување на барањата од ВМРО-ДПМНЕ за потврда на македонската историја и јазик
Резолуцијата за Македонија која според најавите Германија ќе ја усвои в четврток е само почеток на контингентот држави кои ќе донесат такви документи за потврда на идентитетските атрибути. Шефот на дипломатијата вели дека активностите на МНР за вакви декларации се почнати уште по усвојувањето на Преговарачката рамка, а конечниот резултат почнува од Бундестагот. Владини извори веќе најавија дека се очекува резолуција и од една држава која е поголема од Германија, а не е членка на ЕУ.
-Ова е само почетокот. Не можам во оваа фаза да ги најавам и другите. Сепак е покоректно да бидат најавени од самите земји, меѓутоа, ова е само почеток на една верига такви резолуции кои ќе биде само потврдено тоа што е во преговарачката рамка во смисла на идентитетските атрибути, јазик итн., рече шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Османи на денешната прес-конференција го дополни предлогот за ВМРО-ДПМНЕ за носењето на уставните избори. Освен излез од владата и откажување од „Албанец премиер“ во техничката влада, Османи постави услов да се спроведе истрага поддржана од меѓународни експерти за сите политички партии, почнувајќи од лидерите на партиите, па надолу по хиерархијата.
-Злоупотреба на темата корупција, криминал на политичките партии со цел добивање ситни политички поени. Мора да ставиме крај на ова. Нема да дозволиме било кој да не етикетира по однос на било кои прашања. Ајде бидете мажи утре да викнеме меѓународна истрага, наша домашна истрага и да ги ставиме на листа Мицкоски, Ахмети, Ковачевски, јас и другите, ако треба и на јавни истраги и да видиме што ќе излезе од тоа. Тоа ние нас сега услов. Се друго прифаќаме, и власт и премиер и се. Еве условуваме, ајде оваа тема да ја расчистиме, бидете мажи и прифатете, рече Османи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат намера да учествуваат во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби. Појаснуваат дека имале јасни позиции на лидерската средба и од тоа нема поместување. Според партијата, несериозно е да се продолжува со лицитации кои, како што велат, покажуваат дека СДСМ не биле искрени.
-Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси. Ако СДС не ги прифати двете понуди од ВМРО-ДПМНЕ значи дека има скриени намери да преговара на сметка на иденитетот и ќе прифати нешто во тек на преговорите кое ќе го доуништи македонскиот идентитет. СДС сега треба да ги покаже своите вистински намери, рече членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Владини извори брифираат дека се уште нема јасна стратегија, што доколку уставните измени не се донесат пред почетокот на втората меѓувладина конференција. Единствена стратегија сега е да се оди на дискусија со пратениците во Собранието во која власта ќе се обиде да ги увери дека иднината на Македонија е во ЕУ. Одложено важење на уставните измени е невозможно, брифираат од влада, бидејќи тоа била и појдовната позиција на Македонија во преговорите за францускиот предлог. Но за тоа Македонија не добила поддршка од големите земји-членки.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
