Македонија
26. April 2023 - 21:15

Анализа - Со какви позиции влегуваат партиите во работната група за измени во изборното законодавство?

Една изборна единица, или три, па дури и осум, или да си останат шест со поправична распределба на бројот на избирачи во нив, отворени листи, но и квота од 50 отсто жени-пратенички...Ќе се менува ли изборниот модел пред редовните избори до година?

Министерот за правда Лога го почна процесот на измени на Изборниот законик уште пред две недели со средба со координаторите на најголемите политички партии во Собранието. Тој побарал поддршка за измените согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но и целосно нов Изборен законик.

Работната група со експерти и политичари стартува со работа наредната среда.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да учествува, a за промена на изборниот модел чекаат на усогласени ставови внатре во владината коалиција.

Најголемите владини партнери СДСМ и ДУИ, извесно е дека ќе имаат претставници, но за моделот се уште не се усогласени. СДСМ би поддржала 1 изборна единица. Интегративците пак, велат дека промена на изборниот модел е можен само доколку постои целосен политички консензус.  Разлики има и со новиот коалициски партнер Алијанса која пред да влезе во кабинетот на Ковачевски бараше дури 8 изборни единици.

Помалите владини партнери пак, и понатаму стојат на својот предлог кој е во обраниска процедура веќе со години – една изборна единица и отворени листи комбинирано со родова квота.

Иако не сака да учествува во партиските калкулации за изборниот модел, претседателот на работното тело и поранешен претседател на ДИК Новаковски вели дека отворените листи се добро решение за македонските избори.

И покрај најавата за неучество, Новаковски се надева дека ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе испрати свој претставник во работната група. Тој вели дека процесот на измени на изборното законодавство треба да заврши до редовните парламентанри избори.