Македонија
26. April 2023 - 16:35

Администрацијата ни старее и ни слабее во квалификации

За 2700 луѓе е намалена јавната администрација. Годишниот извештај на Министерството за администрација покажува дека во јавниот сектор работат 129.374 луѓе.

Повеќе од половина, или 52% од вработените во јавниот сектор се во образование и здравство.

Тоа што загрижува е, што според извештајот на МИОА, јавниот сектор го напушта квалификуваниот кадар, на сметка на луѓе со основно образование.

-Во 2022 година се воочува намалување на бројот на доктори на науки и магистри, а на сметка на тоа се зголемува со основно образование. Сепак, значајно е да се потенцира дека половина, односно 55,85% од вработените во јавниот сектор имаат високо образование, вели Алиу.

46 годишни е просечната возраст на вработените. Според податоците на МИОА, во јавниот сектор работат само 2.000 луѓе на возраст од 18 до 25 години. Од друга страна над 25.000 се на возраст меѓу 56 и 64 години и тие во наредните години ќе заминат во пензија. Алиу вели дека млади ќе се вработуваат, но само таму кадешто недостасуваат работници.

-Во места во коишто цениме дека бројот на вработени е поголем отколку што е потребно, таму нема да се заменат тие што се пензионираат со нови. Впрочем, знаете дека според ЕУ директивите ние треба да ја оптимизираме јавната администрација, како од инфраструктура, така од број на вработени, вели Алиу.

Според податоците, највозрасни се вработените во јавните претпријатија, со просечна старот од 49 години. Најмлади работници има секретаријатите на Владата, каде просечната старост е 39 години.