Медицински кадар недостасува во целата земја - младите лекари велат дека се нема ниту визија, ниту стратегија за здравството
Со крпење на дупките се одржува во живот државното здравство. Немањето на вработувања со години, одливот на кадар и непостоењето на стратегија е доказ дека во блиска иднина ке нема кој да ги лекува болните, вели д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Многу студенти на медицина не ја гледаат иднината во јавните здравствени установи а оние повозрасните кои работат во болниците не можат да ги издржат честите дежурства. Фактот дека во земјата нема доволно педијатри за најмладите пациенти јасно укажува по кој пат оди здравствениот систем, алармира д-р. Кочоски.
-Ние постојано одиме надолу, да не се заложуваме дека имаме некаков напредок, ние само одржуваме. Веќе и крпењето на дупките не можеме да ги правиме бидејќи нема кадар, немаме медицински лица кои ќе можат да бидат искористени во одредени области, вели д-р Божидар Кочоски од АСМЛ.
Освен тивкиот бунт на лекари и молбите од директори на установи кои бараат вработувања, на социјалните мрежи реагираат и граѓани. Прашуваат на кој начин здравсвтениот систем е столб на државата кога на конкурси за вработувања наместо тој што учел и е прв на списокот, најчесто работната позиција ја добиваат последно рангираните.
Од Асоцијацијата велат дека постојано до надлежните алармираат кои се проблемите, но без решенија.
-Нажалост не сум веќе оптимист за иднината на јавниот здравствен систем на долг рок. Недостасува стратегија, недостасува визија, недостасуваат средства за да има некакво придвижување. За жал, очигледно развојот на приватниот здравствен систем некому му одговара на штета на граѓаните и оние кои инвестирале во државното здравство, вели д-р Кочоски.
Битолската и штипската клиничка болница, скопската Брза Помош и Клиниката за детски болести во моментот имаат барања за околу 400-тини вработувања на медицински кадар за да можат да функционираат без проблеми.
Во оваа бројка не се и здравствени домови и болници од Охрид, Струга и други градови кои исто така молат за лекари. Некои од нив со години чекаат одобрување од здравство и финасии.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
