Османи најави - за неколку месеци доаѓа Албанец премиер
ДУИ му ги изброја деновите на премиерот Ковачевски. Шефот на дипломатијата на партиски настан во Чаир, каде што Ахмети неодамна го назначи за координатор, порача дека Албанците за неколку месеци ќе го добијат првиот премиер Албанец, иако до редовните избори за кои СДСМ се залага има уште 15 месеци.
Во СДСМ денеска нема одговор на прашањето дали со ДУИ разговарале за предвремени избори и уште колку месеци очекуваат Ковачевски да биде премиер.
И додека во СДСМ молчат, албанските политички партии на терен се однесуваат како веќе да е започната предизборната кампања. Покрај раководството на ДУИ, на терен e и огнената група. Меџити кој вчера беше во полошкиот регион рече дека додека граѓаните едвај преживуваат, министрите на ДУИ си играат фудбал.
„Речиси целосно го изгубивме Полог, со Артан и Артанците, кој создаде артанистички дух кај министрите и активистите, и се однесуваат кон нас полошо одколку со опозицијата. Албанците имаат позиции како никогаш досега, со претседател на парламентот, половина од министрите, со 80 проценти од економските ресори, додека ефект нема.“ – рече Меџити.
Митинг вчера имаше и Алтернатива. Гаши во Куманово не криеше дека неговата партија бара нов партнер откако СДСМ и ДУИ решија на нивно место во владата да ја стават Алијанса.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека последната изјава на Османи само уште еднаш покажува дека Ковачевски за ДУИ е само привремен премиер.
Согласно последниот договор на СДСМ и ДУИ, интегративците треба да добијат премиер 100 дена пред избори кој ќе ја води пржинската влада. Ако изборите се одржат во редовниот термин во јуни, ДУИ за првиот премиер Албанец ќе треба да чека уште една година.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
