Првата група пациенти со цистична фиброза ја добија првата доза од лекот „Трикафта“, останатите бараат еднаков третман
Со претходна подготовка и преноќување на Детска, утринава 6 пациенти со цистична фиброза добија по една таблета од трикафта. Една недела ќе бидат во болнички соби и под лекарски надзор, период кога треба да се видат и првите ефекти од долгоочекуваната терапија. Двајцата најтешко болни лекот ќе го добијат наредната недела и ќе бидат хоспитализирани на Пулмологија.
-Ние како асоцијација за цистична фиброза сме во комуникација со двајца пациенти кои го примија лекот, ќе видиме како ќе се одвиваат работите и ќе споделуваме информации за нивната состојба и како ефект има врз здравјето. Денес е прв ден, сеуште е рано, но очекуваме добри резултати и сите пациенти да го добиеме лекот, вели Бојан Крстовски од Асоцијацијата за цистична фиброза.
За почеток трикафта за осум пациенти, од предвидениот буџет има за уште четворица а за останатите по гласање на законските измени. Од пратениците на 16 март ќе зависи колку брзо надлежните ќе можат да почнат директни преговори со производителот.
-Овие законски измени кои се наоѓаат пред пратениците ќе овозможат да се набавува не само лекот „Трикафта“ туку и други лекови кои се произведуваат од еден производител кој има патентиран лек, изјави Димитар Ковачевски претседател на Влада.
-Ние го отворивме патот да има лекови за пациенти со ретки болести, со други тешки болести кои имаат потреба од терапија на ваков начин преку директни набавки, вели Крстовски.
Надлежните ги засукаа ракавите и ги забрзаа роковите по смртта на Благојче Илиевски кој не дочека да добие трикафта и покрај неговите неколкугодишни апели.
И додека шестмината пациенти со цистична фиброза на Детска чекаат каков ќе биде ефектот од терапијата, има пациенти кои реагираат зошто не добиле од лекот кој за нив живот значи и прашуваат дали ќе стигне навреме.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
