Новиот директор на АНБ го одложи почетокот на владината седница
Владата попладнево, според најавите на премиерот Ковачевски, треба да одлучи за нов директор на Агенцијата за национална безбедност. Изборот доаѓа откако актуелниот Виктор Димовски оди за амбасадор во Франција и покрај тоа што самиот призна пропусти на АНБ во случајот со македонскиот пасош на контроверзниот Онишченко.
Во јавноста се шекулираат повеќе имиња за негов наследник. Меѓу нив, е првиот човек на OТА Зоран Ангеловски, потоа директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, но и кандидати кои се во безбедносните служби, а важат за многу блиски до владејачката СДСМ и нејзиниот секретар Зечевиќ. Така се споменуваат двајца раководители од АНБ - Зоран Мачкиноски и Заре Милошовски, но и Оливер Лукаровски од Бирото за јавна безбедност.
Од друга страна, владини функцнери велат дека многу од нив веќе испаднале од првичната селекција, а нема да биде чудно ако се појави и сосема ново име за прв човек на безбедносната служба.
И додека Владата одлучува опозицијата обвинува дека назначувањето на наследник на Димовски е обид на власта да го амнестирира за случајот Онишченко и како и да се прекине собраниската постапка за него.
Претседателот на Комисијата за надзор на безбедносните служби, опозицинерот Љупчо Пренџов, и покрај владината најава, за утре закажа продолжение на отчетот на Димовски и очекува тој да се појави во парламентот.
Комисијата продолжува со работа откако собранискиот спикер Џафери објави дека пристигнат е Извештајот за тоа како протече во јавност отчетот на директорот на АНБ од затворена комисиска расправа.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
