Македонија
5. November 2022 - 16:40

Мицкоски ќе оди на лидерска, но ќе бара да се разговара за реалните проблеми

Мицкоски ќе присуствува на лидерската средба, но нема да зборува за уставни измени. Лидерот на опозицијата вели дека ја прифаќа покана, но само затоа што смета дека заедно со останатите политички лидери треба да разговараат за реалните проблеми на граѓаните. Народот е гладен, а едниствен излез се предвремени избори, вели Мицкоски. Темата за уставни измени според него е затворено прашање, бидејќи без јасни гаранции дека ова ќе биде последно условување од Софија, опозициската партија нема да поддржи внесување на Бугарите во Уставот.

На сите оние инсталации и мегафони на власта кои веруваат во теорија на заговори, да им е јасно дека без повторувам јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае, рече Мицкоски.

Пораките Мицкоски ги испрати од првиот политички саем на кој градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ даваат отчет за сработеното во првата година од мандатот. 365 дена во кои граѓаните ги чувствуваат промените, отпочнати и реализирани се илјадници проекти вредни над 120 милиони евра, во период кога општините не добиваат никаква поддршка од Владата. Поради овие резултати Мицкоски вели дека е задоволен од нивната работа, која ја враќа надежта кај граѓаните дека може подобро.

 Доста е од порази што внесуваат несигурност, ја уништуваат самодовербата. И сево ова мора да го смениме. Тоа е потврдната карта на власта да продолжи со  распродажба и да ја уништува нашата Македонија.

Затоа што апатијата не смее да биде поголема од желбата да успееме, и затоа е потребна надежта која се роди во изминатава година. Она што мора да го објавиме е широк фронт против таа апатија која ја разорува земјата и од која не може да се видат јасно работите, поради која многумина велат сите сте исти, кога не сме, кога многумина акцијата ја заменуваат со пасивизација и поради сè заедно, ние пополека ја губиме Македонија. Промените вродија со надеж дека може поинаку, може домаќински, вели Мицкоски

До крајот на годинава општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ ќе почнат да издаваат општински обврзници преку кои граѓаните и фирмите ќе можат да вложуваат во проекти. Општинските буџети за прв пат ќе се креираат заедно со граѓаните и според нивните потреби.

Секое домаќинство, правно и физичко лице, ќе може да учествува во купување на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и нови училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, каматната стапка за депозит во банка е до 0.5%, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно ќе се движат од  4,5 до 5%. Така општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколку проценти повисока камата и заработувачка, а населението и граѓаните во Македонија многу нови проекти, потенцира Мицкоски

Политичкиот саем под мотото Промени кои носат иднина продолжува и утре