Опозицијата најавува континуирани протести, власта им порачува да се откажат
Целосна блокада на парламентот, блокада на патиштата, протести низ градовите, блокада на процедурите и системот, а се разгледуваат и сите опции на граѓанска непослушност. Ова е планот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ доколку владејачката колиција на СДСМ и ДУИ и понатаму не се согласува со предвремемни избори.
Но, пред да се радикализираат активностите по протестот од саботата, партиски тимови на ВМРО-ДПМНЕ летово ќе ги обиколуваат населените места со цел, како што велат од партијата на Мицкоски, општа мобилизација на народот против власта.
„Ковачевски и Ахмети треба јасно да знаат дека граѓаните бараат промена на оваа криминална власт и дека единствено, ама единствено решение се само предвремени парламентарни избори. И нема друго решение. Тоа е единственото решение. Доколку и понатаму продолжат да ја игнорираат потребата од избори кои што ги бараат ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата и граѓаните, ние ќе бидеме принудени да пристапиме како што најавивме“
Од владејачката СДСМ пак, ја повторија пораката на премиерот и лидер Ковачевски од вчера по состанокот со коалициските партнери –вМицкоски да се откаже од блокади, а прашањето за избори е затворено и тие ќе се одржат во 2024 година.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба да покажат одговорност и конструктивност, законските решенија за граѓаните и помош во време на криза да бидат усвоени. ...Затоа повикуваме на разум, ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже конструктивност, да почне да работи за интересите на граѓаните, наместо за личните амбиции на Мицкоски Граѓаните во овој чувствителен период од сите политички субјекти со право очекуваат одговорност, работа и посветеност во надминување на последиците од глобалната криза.
Ковачевски вчера, по средбата со владините партнери, откако го одби Мицкоски з алидерска средба за предвремени избори, не откри детали како точно Владата ќе се справува со најавената блокада на опозцијата, но посочи дека ќе води секојдневен дијалог со нејзе во институциите.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
