Шолц во Скопје и Софија со порака: Македонија да ги почне преговорите со ЕУ
Македонија заслужува старт на преговорите за членство во Унијата веднаш и ЕУ треба да ги реализира своите ветувања за европска перспектива на Западен Балкан на претстојниот самит во јуни, порача германскиот канцелар Олаф Шолц од Скопје по билатерната средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Вети дека тој ќе направи се за да се одблокира процесот.
Ковачевски, исто така се надева на позитивен исход во јуни коментирајќи дека државата ги исполнила сите услови за почеток на преговорите и сега станува заложник на една држава.
Македонскиот премиер не сакаше да ја коментира новонастанатата политичка ситуација во Бугарија и падот на Владата на Петков, но нагласи дека разговорите кои македонската страна ги води на принципелна основа и европски вредности, биле политизирани од страна на официјална Софија.
По посетата на Скопје, Шолц замина за Софија, на средби со бугарскиот државен врв. По средбата со Петков канцеларот е оптимист дека е можно решение за отворените прашања меѓу Скопје и Софија до крајот на француското претседателство, но дека потребни се заложби и од вклучените страни, но и на сите држави членки на ЕУ.
Бугарскиот премиер пак, вели дека Бугарија останува на трите услови за кревање на ветото и дека бара европски гаранции за нивно исполнување.
Канцеларот Шолц е во официјана дводневна посета на регионот. Вчера беше во Пришитина и Белград, а утринава со сите државни и воени почести беше пречекан во Скопје. Освен интеграцијата на регионот централна тема е Украина и енрегетската криза во Европа.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
