Анализа: Што треба да се промени во изборот на уставни судии за да не се политизира и партизира?
Поделени се експертските мислења за тоа дали промената на моделот по кој се избираат уставните судии ќе донесе поефикасен и понезависен уставен суд. Прашањето дали парламентот треба да ги избира бранителите на највисокиот акт се отвори откако пратениците веќе една година не можат да изберат уставни судии, а Судот работи на раб на мнозинство.
Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека моделот за избор на Уставни судии не е проблематичен, туку проблем се партиските калкулации.
За разлика од него професорот по уставно право Денис Прешова веќе годинини наназад смета дека изборот на уставните судии треба да се модифицира поради доминација на владејачките гарнитури.
“Впрочем, „најголемата опасност за уставното судство не е во различното политичко потекло на судиите и различното морално, општествено, идеолошко убедување, туку нивната униформност и политичка хомогеност како резултат на правилото за мнозинство усвоено во парламентот и неговите примитивни процедури за избор на судии”, пишува Прешова во својот труд.
За него решенито е Уставните судии да се избираат со широк консензус односно 2/3 мнозинство при што во собраниската комисија во која се оформуваат предлозите да има еднаква застапеност на сите политички партии или барем еднакво учество на власта и опозицијата.
Во Македонија, деветемина уставни судии се избираат од Собранието, со тоа што тројца од нив треба да се изберат и со бадентерово мнозинство. Двајца уставни судии до парламентот ги предлага претседателот на државата, додека тројца Судскиот совет од редот на судиите.
Компаративната анализа покажува неколку модели за избор на уставни судии низ европските држави. Во Германија постои систем на квоти, односно половина од судиите се избираат од Бундестагот со 2/3 мноизнство, но во парламентарната комисија застапени се сите политички партии, останатата половина од судиите се избираат од Бундестагот односно од претставничкото тело на сите сојузни држави.
Во Италија, уставниот суд брои 15 судии, од кои петмина се избираат од двата парламентарни дома со 2/3 мнозинство, 5 од разни судски инстанци и петмина се номинираат од претседателот на државата. И полскиот уставен суд има 15 судии, но тие се избираат од парламентот со тоа што 3 судии ги номинира шефот на државата.
Во соседна Србија исто постојат квоти, петмина избра парламентот, 5 претседателот и 5 Врховниот суд. Бугарија го има истиот систем на квоти, со тоа што таму вкупно се 12 судии.
Мандатот на Уставните судии е најчесто 9 години, како и во Македонија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
