Македонија
12. May 2022 - 21:16

Реформа во судството - судиите значително зголемени и најголеми плати од буџетарите

Реформата во судството министерот Тупанчевски ја почнува со повисоки плати на судиите и членовите на Судскиот совет. Се работи за измени во два закони кои министерството за правда ги поднело во Собранието, а материјалите се веќе кај пратениците. Според пресметките од овие измени, платите во овој сектор ќе растат околу 200 евра месечно.

Платите на судиите се пресметуваат кога основицата, сега одредена на 25.726 денари, ќе се помножи со коефициент согласно категоријата на судијата. Сега коефинциентите за судиите се движат од 2,8 до 3,7. Или пресметано во пари,  основна плата на судија во основен суд изнесува околу 72 илјади денари, додека пак, на претседател на највискиот суд 95 илјади денари.

Со предложеното покачување, коефициентите растат на 3,22 односно 4,5, па платите би се движеле од 83 илјади денари до 115 илјади денари.

Ќе растат и платите во Судскиот совет. Согласно пресметките, таму платите се движат од 95 илјади денари, за член и потпретседател до речиси 103 илјади денари за претседател на Советот. Со измените платите би требало да се движат од 109 илјади денари до 115 илјади денари.

Со ова судиите стануваат најплатените функционери во државата, со пратениците и собранискиот спикер. Претседателот на државата Пендаровски, според податоците на интернет зема околу 86 илјади денари, а премиерот Ковачевски 79 илјади денари.

Во предлозите доставени до пратениците стои дека повисоките плати треба да обезбедат понезависни судии, помалку подложни на корупција.

„Финансирањето на судството е една од основните претпоставки за неговата независност, самостојност и интегритет, почнувајќи од судскиот буџет како основа на финансиската независност и самостојност, се до платите и другите надоместоци на членовите на судскиот совет, кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт“, стои во законската измена з аплатите на членовите на Судскиот совет.

Во законот за платите на судиите пак, стои и дека:

-Европската повелба на судиите укажува на цврсто и реално признавање на улогата и адекватни плати во заштита од притисоци кои влијаат врз одлучувањето, независноста и обезбедување на „де факто“ зголемување на платите пропорционално на статусот и улогата и животните трошоци.