Македонија
8. May 2022 - 16:45

Ковачевски не прифаќа уцени, блокадата во Собрание се поизвесна

Само стратешко прашање за државата, а не прашање што е интерес на една партија може да е причина за лидерска средба. Со ова премиерот Ковачевски се уште ја одбива поканата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за состанок на кој ќе се договорат предвремемени избори. Со тоа, бојкотот на парламентот од 10 мај станува се поизвесен. За премиерот ваквиот потег е неодговорен и исклучиво за политички цели.

Од друга страна, пак, Ковачевски вели дека нема одговорност во Владата доколку до јуни не успеат разговорите со Софија и не се добие датум за преговори со Европската унија бидејќи како што рече, спорот има две страни, а тој не се врзува со рокови. Премиерот, сепак, ги повика членките на Унијата да донесат стратешка одлука за прва меѓувладина конференција со земјава.

Стратешкиот дијалог со САД, на безбедносно, економско, енергетско поле, кој треба да почне во јуни премиерот вели не може да биде замена за ЕУ.

И американската амбсадорка Брнз, вели дека поддршката на САД е безрезервна, но сепак земјава заслужува и членство во Европската унија.

Таа потврди дека САД се вклучени во изнаоѓање на брзо решение меѓу Скопје и Софија, но не сакаше да прогнозира дали тоа е можно до јуни.