ВМРО-ДПМНЕ вечерва носи одлука за активна блокада на Собранието, власта обвинува за деструкција
Јас ќе работам според Деловник, нема војна да правиме, ќе видиме како ќе тераат. Ова е првичната реакција на собранискиот спикер Тала Џафери за бојкотот на опозицијата во Собрaнието доколку власта не се согласи на лидерска средба за предвремени избори што го најави лидерот Мицкоски.
„Собранието постапува според Деловникот, ако има амандмани ќе видиме како ќе поминат законите на комисиите, ако има филибастеринг, колку може пратениците да зборуваат, еве 120 пратеници по 10 минути ќе зборуваат. Ќе видиме – или ќе се отвори расправа на пленарна седница или не. Јас ќе работам според Деловникот, нема војна да правиме, ќе видиме како ќе тераат. Не само Собранието, треба и други институции да размислуваат за последиците, бидејќи во таков случај не станува збор само за блокада на Собранието туку и на државата“,коментира Џафери.
Владејачките СДСМ и ДУИ ја обивнуваат опозицијата за деструктивност.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, останува на ставот за бојкот.
На бојкотот се придружува и опозициската БЕСА. Од таму велат дека ќе ги искористат сите расположиви средства за да се договорат предвремени избори.
„Легитимитетот на Владата е спорен бидејќи мнозинството е направено преку уценувани пратеници и политички партии кои преку ноќ од критичари на власта станаа дел од Владата. Ваквиот состав на Владата рефлектира и лошо управување со сите институции, затоа е многу битно ден побрзо да имаме парламентарни избори, легитимитетот да се врати на граѓаните и тие да одлучат за тоа кој треба да ги претставува“, коментираат од партијата на Касами.
Од Алијанса на Албанците, велат ќе го разгледаат предлогот за бојкот.
„Сите предлози кои евентуално можат да стигнат од други политички субјекти, ќе бидат разгледани во органите на АА и ќе се излезе со конкретен став, но тоа што ни е многу важно е независноста на дејствувањето на нашиот политиќки субјект.
Одлуката за бојкот на опозицијата дојде откако власта го одби предлогот за лидерска средба за предврмени избори со образложение дека легитмитетот го добила на изборите во 2020.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
