Македонија
3. May 2022 - 16:32

Историчарите побараа Собранието да донесува годишни програми за великаните како Гоце Делчев - годинава скромно одбележување

Собранието да се вклучи во одбелжувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев бидејќи сепак се работи за законодавен дом на државата која тој ја сонувал. Ова е пораката на група историчари од Институтот за национална историја вклучени во одбележувањето на јубилејот на денешната средба со собранискиот спикер Џафери.

„Сакавме да влеземе во македонското Собрание, како највисок дом на онаа држава која што Гоце Делчев ја сонувал, која ние денеска ја имаме и која треба да ја одржиме“.

Ова е втор обид историчарите да побараат национално одбележување на јубилејот за Гоце Делчев од Собрание. Првиот бил уште лани, кога побарале Собранието да го вметне чествувањето во годишната програма за одбележување на настани и личности, но ваква програма за 2022 никогаш не беше донесена иако е надлежност на парламентот.

Историчарите на средбата побарале од Џафери и да се намалат политичките притисоци врз историската наука за македонскиот револуционер.

„Побаравме и разговаравме и за нашата потреба да бидеме одделени или изолирани од притисоците на политиката затоа што во науката вие работите со документација, документацијата е неумолива, вие треба да ја сместите документацијата во простор, време, меѓу луѓето кои што тогаш живееле, не онака како што од денешен агол се гледаат работите или да се оди по желба или по потреба на некоја политичка елита…Така што несомнено е дека Делчев бил Македонец.“

Она што како ветување го добиле од Џафери е дека тој ќе помогне во објавување на Зборник по повод 150 годишнината, како и тоа дека промоцијата на ова научно дело да биде во Собранието.

Преку Декларација за Гоце Делчев и опозицијата во февруари побара национално чествување на 150 години од раѓањето на Делчев, но тогаш власта го одби барањето со образложение дека Собранието нема зошто да расправа за ликот и делото на македонскиот револуционер.

Утре пак, по повод 119 годишнината од смртта на Делчев, македонски државни делегации ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје и пред спомениците, а ќе биде доделена и државната награда „Гоце Делчев“ во Собранието.

Во Софија пак, под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, ќе се дебатира на темата „Гоце Делчев и заедничката историја на Бугарија и Македонија – меѓу фактите и идеологијата.“