Опозицијата бара одговорност од Османи, власта не гледа причина
Одговорност за шефот на дипломатијата Бујар Османи, но и од Владата бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако според нив власта го дозволила отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола во приуство на бугарскиот премиер Петков и неколку министри.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Владата ја премолчила промоцијата на фашизам на Бугарија среде Битола.
„Што не ќе чуеме од г-динот Османи: те, не не информирал за договорот од 2019 за заедничко славење на Самоил, Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум за да не поштеди од нервози, небаре сме го избрале за матичен национален лекар, те не советува да се ослободиме од емоциите, да бидеме непристрасни и прагматични за да го фатиме европскиот воз, те се повикува на португалски предлог, наместо да гради македонски.... Замислете, својот културен идентитет го заштитил со Бадентерово мнозинство, односно со вето, а мојот, неовластено „го штити“ тој на негов, таен начин.... И ние го толерираме, во името на „ европските„ цели! Така, михајловизмот стана „ европски“ чекор за д-р Бујар Османи.“, напиша пратеничката Силјановска Давкова на Фејсбук.
Од ДУИ велат дека министерот од нивните редови постапил патриотски и државнички, па нема зошто да понесува одговорност.
И од владејачката СДСМ реакциите на опозцијата ги сметаат за провокација и поткопување на државните позиции.
„Освен измислици, постојано подгревање тензии, блокади од опозицијата граѓаните друго не видоа. Тоа е начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ чија цел е постојано нешто да поткопува, вклучително и државните позиции. Може опозцијата да поднесе интерпелација, вака е обична политичка манипулација. По сите скандали и потврден криминал на ВМРО-ДПМНЕ оставка треба да побараат од Мицкоски, заедно со Милошоски, ЈанушЕв, Николовски“, реагираше писмено пратеникот од СДСМ Дарко Каевски.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
