Дали и кој треба да понесе одговорност за пописните резултати?
Потребна ли е и дали ќе има одговорност за грешките во пописот за кои и самиот Државен завод за статистика призна дека биле направени?
Дали тие грешки навистина биле технички или се резултат на несовесно работење или пак, намерна манипулација со податоците?
Професорот по филозовски науки Љубомир Цуцуловски вели дека признанието и извинувањето од Државниот завод за статистика не се доволни бидејќи, како што пишува на Фејсбук, незнаењето не ослобува.
„За вакви грешки не се доволни само извинувања, туку потребни се оставки, после кои би требало да се утврди кои се вистинските, правите причини што довеле до грешките/„грешките“. Ако биле направени свесно, тогаш за тој чин законски се одговара. Се одговара и ако се направени од незнаење, бидејќи незнаењето никого не ослободува, туку накнадно обвинува. Да поминеш на црвено светло, затоа што не си знаел дека поминувањето на црвено е забрането, не ослободува, туку уште повеќе обвинува, бидејќи не можеш свесно да учествуваш во сообраќајот, без да ги знаеш сообраќајните правила. Во случајов, правилата и методите на статистиката“, напиша Цуцуловски на Фејсбук.
Академикот и професор по кривично право Владо Камбовски вели дека не може однапред да се зборува за некаква одговорност дури и веднаш таа да се лоцира. Но, Камбовски е дециден дека по реакциите во јавноста и јавното признание за грешки е потребна независна експертиза за да се утврди каде и зошто се направени грешки во податоците.
Пред два дена од Државниот завод за статистика, по реакциите во јавноста за корегираните резулати од пописот, признаа дека првите официјални податоци биле погрешни и дека е направена техничка грешка во групите за религиозна припадност на попишаните.
„Се извинуваме за направената грешка“, напишаа тогаш од Статистика.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
