Македонија
14. March 2022 - 16:34

Борел од Скопје: Не можам да ветам конкретен датум за преговори, но постои волја

Не можам да ви ветам датум за преговори за членство во Унијата, но ве уверувам дека правиме се што може тоа да се случи побрзо. Ова е пораката која високиот претставник за надворешна политика и безбедност, и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел ја испорача денеска во земјва. Тој е во посета на Скопје во контекст на војната во Украина.

По средбата со премиерот Ковачевски рече дека брзата интеграција на земјата е стратешки интерес на Унијата и Европа треба да се разбуди, но и дека без решение со Бугарија преговори не може да има.

Борел додека и дека одлуките што ги донесе македонија во однос на руската инвазија во Украина уште повеќе ја поврзуваат нашата држава со земјите на ЕУ.

Ковачевски пак, од провиот човек на европската дипломатија побара државите членки да се вклучат во процесот во име на стабилноста и мирот на регионот. Тој е задоволен од новата динамика разговори со Софија, но и дека решението мора да биде достоинствено.

Борел утринава се сретна и со шефот на државата.

„Претседателот Пендаровски подвлече дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година. Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување“, соопштија од кабиентот на Пендаровски.

Високиот претставник на ЕУ ќе се сретне и со повеќе министри од македонската влада, но и со лидерите на најголемите политички партии. Скопје е негова прва станица од мини трунејата која ја прави низ Западен Балкан. Тој утре заминува најпрво за Албанија, а потоа и во Босна и Херцеговина.