Македонија
13. March 2022 - 16:36

Опозицијата најавува нов предлог антикризни мерки, власта тврди дека усвоеното дава резултат

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од своите законски решенија за нула отсто ДДВ за прехранбените производи и намалување од 50 отсто за акцизата за нафта и нафтени деривати и покрај тоа што во петокот гласаше за владиниот пакет на мерки. Двете законски измени, кои беа предложени пред владините, се ставени на дневен ред во парламентот на седница во вторник.

Но, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат подготвуваат и законски измени за нови мерки, особено за поддршка на земјоделците.

Од друга страна, власта се уште тврди дека мерките се доволни и ќе им помогнат на граѓаните полесно да ја преподат економската криза поради состојбите во Украина.

„Во услови на огромна криза Владата го прави она што треба да се направи и ефектите веднаш се чувствуваат... Знаеме сите дека нема да биде лесно, сето ова е последица од инвазијата врз Украина, но со вистински политики, со одговорност, со посветеност ќе ја пребродиме и оваа криза. Очекуваме сите чинители во државата да покажат одговорност, да се солидаризираат и заеднички да придонесат да ја пребродиме оваа глобална криза со најмали штети“, вели Костадин Ацевски, член на ИО на СДСМ.

Власта и опозицијата во петокот на итна седница гласа за измените во законите за ДДВ и законот за акцизи што се однесуваа на цените на нафатата, храната и струјата. Опозицијата поднесе амандмани и за намалување на цените на топлинската енергија, но тоа не беше прифатено од власта.