Македонија
14. February 2022 - 16:34

И власта и опозицијата предлагаат повисоки пензии

Нова методологија за редовно покачување на пензиите најави премиерот Димитар Ковачевски. Без да открива детали колкаво ќе биде покачувањето, премиерот вели дека во моментов се работеле анализите кои подоцна ќе бидат презентирани на заинтересираните страни меѓу кои и пензионерските здруженија. Ковачевски најавува дури и посебни фаинсиски пакети за пензионерите.

„Работиме на методологија која ќе овозможи одржливо и долгорочно зголемување на пензиите бидејки пензионерите заслужуваат по толку години изминат труд и придонес во развојот на државата, да имаат достоинствени пензионерски денови… веќе работиме и на пакет помош, односно на финансиска помош за пензионерите која што ќе ја определиме врз основа на анализи и која што ќе им биде дадена на пензионерите за полесно справување со енергетската и со економската криза“

Предлогот на Ковачевски доаѓа само неколку дена по законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за зголемување од 20 отсто. Но според премиерот опозицискиот предлог за поголеми пензии бил паушален и не се базирал на анализи.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, возвраќаат:

„Ковачевски да не бега и неговите пратеници да поддржат покачување на пензиите, а тој наместо наспроти народот да биде со народот. Очекуваме пратениците на СДСМ да поддржат покачување на пензиите кое ВМРО-ДПМНЕ го предлага“.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе и законски измени за покачување на платите во образованието, но власта вели дека нема да гласа за него бидејќи имале ист предлог кој опозицијата веќе една година го блокира во парламентот.

Предлозите на опозицијата за поголеми пензии и плати во образованието се само последни во низата прашања за кои власта и опозцијата не можат да најдат заднички јазик во Собранието иако се од корист за граѓаните. Се уште стои проблемот со изборот на дури 4 уставни судии, а блокирани се и други законски решенија. Но, иако повикуваат на дијалог во парламентот и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обивнуваат и за тоа кој всушност блокира.