Политиката во 2021: ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните, Заев си поднесе оставка
Заев се повлече од политиката, местото и во Владата и во СДСМ го отстапи на досегашниот заменик министер за финасии Димитар Ковачевски. Изборот на новата влада ќе биде еден од првите политички настани во новата година. Ковачевски веќе го има мандатот в рака, останува само да ги објави министрите.
Но, ваквиот неочекуван пресврт во државниот врв оваа година следи поради локалните избори. Локалната власт доминантно ја освои опозицијата, а резултатите со над 50 илјади гласови предност во корист на ВМРО-ДПМНЕ ја свртеа цела политичка сцена. Мицкоски тргна во поход по пратеници за парламентарно мнозинство, Заев најави оставки.
Мицкоски накратко и успеа во целта. Го убеди Касами да дојде во неговите редови. На хартија потпис за гласање на недоверба на Владата ставија 61 народен избраник. И така до чинот на седницата на која требаше и вистински да се кренат два прста. Кастриот Реџпи од БЕСА не се појави на работа во името на евроинтеграциите.
Но, тоа го навести планот на власта – негубење на довербата, туку ново мнозинство. По три недели преговори Гаши ја смени страната и ги стабилизираше СДСМ. За сметка на тоа, не доби датум за преговри со ЕУ, но затоа пак, договори 3 министерски места.
По две децении државата оваа година најспосле спроведе и попис. Но, сепак не одеше лесно, од априле сеодложи за септември. Теренскиот попис пак, беше падни-стани. На крај статистичарите велат не’ пребројале.
Ковид пандемијата си го направи своето во Собранието. Поради тесното мнозинство, парламентот често беше под блокада од опозицијата. Власта кворумот посегна да го обезбедува и со позитивни ковид пратеници во скафандери, а праксата ја искористија и опозиционерите.
Ова за народните избраници значеше како никогаш досега само 77 работни денови во собраниската сала.
Она што барем заеднички успееја да го протуркаат во име на државниот интерес беше Резолуцијата за преговорите со Бугарија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
