Преговорите продолжуваат - Кој го има потребното мнозинство?
60-60. Тоа е соодносот на пратеничките сили на власта и мнозинството откако пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи потврди дека поради Левица се повлекува од инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за недоверба на владата на Заев во четврток.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски повикува да се сочува пратеничкото достоинство, но и со понуда до Реџепи по ваквата разврска.
„Изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ. Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ“, напиша на Фејсбук Мицевски кој е во ковид-изолација.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта врши притисоци врз пратеници потпишани на инцијативата.
„Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди.... Како партија и како коалиција за рушење на оваа власт, веруваме во чесноста на потписниците на иницијативата, и во нивниот јасно изразен став - дека актуелната власт не може да се справи со кризите коишто сама ги предизвика“, рече Стоилковски.
Од партијата на Гаши не го коментираат сопартиецот. Велат дека денеска и утре ќе продолжат внатрепартиските разговори за конечната одлука за тоа како ќе постапат нивните пратеници на седницата во четврток.
Од БЕСА пак, се уште официјално молк дали ќе се откаже од соработката со Мицкоски по одлуката на Управниот суд за Желино во нејзина корист. Неофицијално тројцата пратеници на Касами ќе останат на своите потписи на иницијативата.
Има информации дека помалите партии од власта на контакти и средби со опозицијата покажале заинтерсираност за соработка во нова влада, но не и да гласаат сега за недоверба на владиниот кабиент на Заев.
„ Како сериозна парламентарна партија спремни сме да дадеме максимален придонес за надминување на оваа политичка криза. Но, Партијата за движење на Турците никогаш нема да соработува со тие политички чинители кои со своите анти-ЕУ, анти-НАТО, антидемократски ставови ја загрозуваат иднината на Северна Македонија“, велат од оваа ПДТ чиј пратеник неофицијално вчера имал средба со Мицевски.
Од СДСМ пак, велат дека опозицијата е таа која уценува пратеници.
„ Пратеници од опозицијата самите признаваат дека потписите за Иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами... Пратениците да бидат спокојни, државата, институциите ќе ги заштитат од заканите на ВМРО-ДПМНЕ, обидите за закани и притисоци нема да им успеат“, коментираат од владејачката партија.
Но нема информација дали и кога Заев ќе се повлече од партиската и од премиерската функција како што најави на 31 октомври. Тој се уште е активен во Владата и ги води владините седници.
СДСМ вечерва ќе има состаноци на Извршниот и Централниот одбор на кои ќе се разговара за изборните резултати, но и новонастаната ситуација.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
