Македонија
8. November 2017 - 16:59

Православните христијани го одбележаа големиот празник посветен на Светиот великомаченик Димитриј

Православните христијани  го одбележаа големиот празник посветен на Светиот Великомаченик Димитриј. Верниците   уште од рано наутро ги посетија храмовите за да присуствуваат на литургиите, но и да запалат свеќа за здравје за нивните семејства. Голем број верници денеска присуствуваа и во црквата Свети Григориј Палама и Свети Димитриј Мироточив во Струмица каде во чест на празникот беше промовиран деветиот том од едицијата,, Житија на Светиите,,

,, Житијата на светиите е своеводна енциклопедија на православието или мелем за душата за секоја христијанска душа. За секој оној што е гладен, жеден за божјата правда ќе го најде токму во житијата на светиите.,, вели отец Боро Милчев

 Новото издание на Струмичката Епархија  кое од печат излегува со благослов  на митрополитот струмички Наум ги содржи житијата на светиите за месец септември.

,, Тоа е капитална книга за православната црква. Можеме слободно да кажеме дека после Светото писмо житијата на светиите е втора по ред по значење која што секој христијанин треба да си дозволи да си ја има, да си ја чита . Тоа е секојдневна храна за душата во која што всушност ние се поучуваме од примерот на светителите кои што го положиле и кои што го проживеале својот живот за Христос.,, вели отец Гаврил

Првиот том,,Житија на светиите,, кој е посветен на месец јануари излезе пред девет години. Со новото издание за септември полека ама сигурно се комплетира целата едиција која ќе содржи 12 тома, по еден за секој месец. Од храмот Свети Григориј Палама и Свети Димитриј Мироточив велат дека веќе се работи и на преостаните три изданија, но засега нема прецизни информации кога истите ќе бидат пуштени во печат бидејќи зтанува збор  за долг процес за кој е потребна и голема истражувачка работа.