Ниту еден од деветмината обвинети полицајци за Пулс не се чувствува виновен
Ниту еден од деветмината обвинети полицајци од Штип и Кочани не се чувствува виновен за злоупотреба на службената положба. Денеска започна главната расправа и сите се изјаснија дека не го сториле кривичното дело за кое се обвинети.
Обвинителството ќе докажува дека тие од 2021та до 2023тата година, со тоа што не си ја извршувале работата и не ги направиле потребните проверки му овозможиле на каберето Пулс да се стекне со лиценца и да продолжи со работа, иако објектот не ги исполнувал условите да добие лиценца.
Според одбраната, доказите во овој случај се штури. Адвокатот Недков вели, не само што нема цврсти аргументи против обвинетите, туку недостигаат и клучните материјали кои би потврдиле дека тие работеле чесно, професионално и во рамките на своите овластувања. Тој порачува дека селективната правда не е правда и смета дека целиот процес се води вештачки, со цел да се обвинат што повеќе луѓе без никаква издржана основа.
Следното рочиште е на 29 јуни. Случајот го суди судијката Ленка Давиткова.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
