Никој не се брза за намалување на платите на функционерите
Ниту на власта ниту на опозицијата не и се брза со законски измени кои ќе ги вратат функционерските плати во нормала. Опозицијата е подготвена да предложи нов закон но ја кочи загриженоста дека власта нема да им го прифати.
Веста за 80% раст на платите на функционерите ја разбранува јавноста на средина од минатата недела. Од тогаш до денеска Премиерот Ковачевски не одговарал на новинарски прашања за да каже што планира да преземе. Претходно, вицепремиерот Битиќи не си дозволуваше да коментира одлуки на уставниот суд, а министерот Османи рече дека платите на функционерите треба да бидат последни за зголемување. Вчера и министерот Бектеши изрази подготвеност да гласа за намалување на коефициентите а исто така подготвени се и пратениците на СДСМ но за тоа чекаат закон во Собранието. Времето поминува, функционерите веќе ги трошат новите зголемени плати, а решението се уште не е ниту на повидок.
Проста математичка операција покажува дека за да се вратат платите на нивото пред зголемувањето, коефициентот на секој функционер би требало да се намали за нешто под 45%, па така Претседателот Пендаровски наместо 4,5 просечни плати би земал две ипол, што беше и негово барање.
И додека во Македонија закони како на пример тој за марихуана се носат со Европско знаменце во супер забрзана постапка, за законско решение со кое функционерите сами ќе си ги намалат платите само процесот на размислување веќе трае повеќе од една недела.
Министероството за финансии вчера неофицијално рече дека за енормниот раст на платите на функционерите има доволно пари во Буџетот иако е нејасно, како може Владата уште во декември лани во времето кога е поднесена иницијативата да знае дека Уставниот суд ќе донесе одлука за зголемување на платите за близу 80% и за тоа однапред да предвиди пари.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
