Македонија
30. August 2022 - 16:43

Нема прераспределба на случаи со доаѓањето на обвинителот Пеливанов на местото на Русковска

Обвинителот Пеливанов го превзема раководењето со обвинителството за организиран криминал од Русковска, но засега без детали дали ова ќе значи и прераспределба на предмети.

Обвинителките Трајчева и Јосифовска кои по претресот во Финансиската полиција заработија дисциплински постапки, велат дека и натаму редовно постапуваат со своите предмети. До овој момент нема промени во нивниот распоред, ниту пак го добиле предлогот за дисциплинските и на што точно ќе се однесуваат тие.

Додека траат кадровските промени во клучната институција за борба со криминалот, американската амбасадорка во земјава секојдневно апелира Македонија сериозно да се зафати со искоренување на корупцијата. Брнз ги охрабри институциите да не запираат со реформите дури и ако тие носат политички поделби.

„Од независноста на Северна Македонија во 1991 година, САД ја поддржуваат вашата цел да станете  демократска земја, која се заснова на владеење на правото и на еднакви можности за сите граѓани. Знаеме дека ова ќе биде предизвик зашто недостига одговорност, транспарентност. Сето тоа има потенцијал да ја одвлече Северна Македонија од патеката на нејзиниот напредок. Владините претставници мора да одговорат на предизвиците, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ. Ние ве поддржуваме да продолжите со овие реформи дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби зашто силна, демократска и инклузивна Северна Македонија е столб за просперитетот на Западен Балкан“, рече Брнз.

Брнз ја издвои корупцијата како еден од најголемите предизвици на земјава, за што САД секоја година за Македонија обезбедува повеќе милиони евра помош. Неодамна и група американски сенатори презентираа предлог закон за демократија и просперитет на земјите од Западен Балкан, со кој ќе треба да се зголеми поддршката за борбата со корупцијата.