Loading Video...
Македонија
27. November 2023 - 16:57

Неизвесно доаѓањето на Лавров, се чека дозвола за прелет од Бугарија

Доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Лавров во Скопје се уште е неизвесно. Иако Македонија дозволи авионот на руската влада да слета во Скопје, се чека одлуката на Бугарија дали ќе дозволи авионот да прелета преку нивна територија. Доколку таквата опција биде затворена, постои можност Лавров и делегацијата да прелетаат и преку Грција. Самиот Лавров вели дека се чини Македонија ја кани Русија на министерскиот состанок, но одлуката е сега кај Бугарија.

- Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме. Се чини дека Македонија не повика на состанок на советот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ. Очигледно, Бугарија и вети на Македонија дека ќе го отвори својот воздушен простор - ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме како тие комуницираат таму. Веќе има неколку барања за средби, ако завршиме таму - вклучително и од западните претставници, вели Лавров.

Го прашавме министерот Османи дали комуницира со колегите во Бугарија и дали постојат некакви проблеми. Кратко, без да открива детали за Сител одговори дека е во комуникација со сите засегнати страни.

Неделава во Скопје пристигнуваат 70 делгации, а во фокусот е доаѓањето на Лавров, Блинкен и Кулеба, но дали тие ќе имаат лични средби детали од агендата не се откриваат. 

Во пресрет на министерскиот состанок во Скопје, по неколку неуспешни обиди, земјите членки на ОБСЕ постигнаа консензус и за нов претседавач со организацијата. Од јануари, Малта е новата земја претседавач со ОБСЕ. 

- Благодарност до #Малта за подготвеноста да ја преземе оваа витална улога и на сите земји учеснички и партнери на ОБСЕ за флексибилноста и поддршката. Одлуката ќе биде потврдена на 30-от Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, напиша Османи на социјалните мрежи.

Изборот на нова земја претседавач беше клучниот проблем на ОБСЕ, особено по изгубената доверба во организацијата. Дополнително 57-те земји членки до 4-ти декември треба да одлучат дали ќе го продолжат мандатот на четири клучни функционери во ОБСЕ.