Бизнис
21. May 2026 - 12:33

Народна банка: Во април годишен раст од 9,3 отсто на вкупните депозити и од 13,3 проценти на вкупната кредитна поддршка

Во април е регистриран годишен раст од 9,3 отсто на вкупните депозити и од 13,3 проценти на вкупната кредитна поддршка

- Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 9,3%, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“, се наведува во соопштението од Народна Банка.

На годишна основа, вкупните кредити, пак, забележале раст од 13,3 отсто, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на кредитите на корпоративниот сектор.

Монетарни движења во Република Северна Македонија: април 2026 година  

‒ Во април 2026 година, паричната маса (монетарниот агрегат М31,2) забележа месечен пад од 1,3%, којшто во најголем дел се должи на намалените краткорочни депозити, помалку и на долгорочните депозити до две години, во услови на раст на готовите пари во оптек и депозитните пари. Годишниот раст изнесува 9,4% и во поголем дел произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочните депозити, а позитивно влијание имаат и готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.    

 ‒ Вкупните депозити3, во април, се намалени за 1,4% на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот „домаќинства“ остварија раст. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 9,3%, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. 

‒ Во април, вкупните кредити забележаа месечно и годишно зголемување од 1,0% и 13,3%, соодветно. Месечната и годишната промена е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор. 

Депозити и кредити на корпоративниот сектор

‒ Депозитите на корпоративниот сектор, во април, се пониски за 9,1% на месечна основа, во најголем дел поради намалувањето на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при пад и на долгорочните депозити, додека краткорочните депозити во денари забележаа раст. Годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 6,0% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута се намалија.  

‒ Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор5 забележаа месечно зголемување од 1,0%, коешто во поголем дел е резултат на зголемените кредити во денари, при дополнителен раст и на кредитите во странска валута. Споредено на годишна основа, растот од 15,0% во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута. 

2. Депозити и кредити на домаќинствата

‒ Депозитите на домаќинствата, во април, бележат нагорна месечна промена од 1,6%. Притоа, промената произлегува во најголем дел од растот на депозитните пари, како и растот на краткорочните депозити во странска валута, долгорочните и краткорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад. Споредено со април минатата година, депозитите на домаќинствата се повисоки за 10,5%, главно како резултат на зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.  ‒ Во април, кредитите на домаќинствата остварија месечно и годишно зголемување од 1,0% и 11,9%, соодветно, под влијание на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари. 

‒ Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, во април бележат месечно зголемување од 1,2% и 1,3%, соодветно, при годишен раст од 11,2% и 16,2%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити остварија раст од 1,1% и 4,9% на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитните картички забележаа месечно и годишно намалување од 0,5% и 4,6%, соодветно. Негативните салда на тековните сметки бележат месечно намалување од 6,3% во април, во услови на годишен раст од 3,7%. Во април, кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,4% и 11,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, стои во соопштението од Народната Банка.

 

МИА

Ново на Сител