На повик на студентите во блокада илјадници на протест во Белград со порака за предвремени избори

Во Белград попладнево се одржува голем мирен протест на кој повикаа студентите во блокада под мотото „Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“ во обид да обноват повиците за предвремени избори. Илјадници граѓани на Белград и од други градови во Србија се на плоштадот Славија каде протестот почна по 18 часот и ќе трае, според организаторите, до 20 часот.
Студентите во блокада имаа собири на четири локации во Белград, од каде што се упатија кон Славија каде неколкупати одржаа протести од кои минатогодишниот протест, на 15 март, се смета за најголем досега одржан во поновата историја на Србија. Во меѓувреме, студентите организираа акции за делење и лепење налепници „Студентите победуваат“ и печатење на дуксери и маички, како и капи со тој натпис.
Кон студентите се придружија и голем број актери од театрите во Белград.
Нема конкретен одговор од властите за студентско барање за распишување избори истакнато првпат лани во мај.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот објави досега најпрецизна изјава дека изборите ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември повторно повикувајќи ги „блокадерите“ на дијалог.
Повиците за предвремени избори произлегоа од антикорупциското движење што почна по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година кога загинаа 16 лица. Беа упатени повиците за транспарентна истрага за тоа што се случи и потоа се претворија во притисок за предвремени избори.
Полицијата тврди дека на Славија мо моментот има нешто повеќе од 39.000 лица кои протестираат.
Од претпладнето во Белград голем број луѓе се собраа од други делови на државата, многумина носејќи маици со слоганот на демонстрациите: „Студентите победуваат“. Други носат српски знамиња или знамиња што го претставуваат нивниот факултет.
Студентите што го предводат движењето се надеваат дека со денешниот протест ќе ја обноват нивната кампања за да го притиснат претседателот Александар Вучиќ да распише предвремени избори.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, синоќа објави дека во изминатата година состојбата со човековите права во Србија се влошила наведувајќи за напади врз активисти и новинари, намалување на граѓанскиот простор и наводни полициски злоупотреби на протестите. Сумирајќи ја посетата, комесарот истакна дека падот на кредибилитетот на државните институции одговорни за човековите права мора да се запре и поправи.
Ново на Сител
-

Молитва на македонски јазик пред вечното почивалиште на Свети Кирил во Рим
-

Филипче: Оставката на Земон е одличен морален чин, СДСМ работи исклучиво за македонските интереси
-

30 дена притвор за возачот на камионот по трагедијата на скопската обиколница
-

Локалитетот Манчевци - музеј на отворено
-

Македонската народна музика и песна два дена ќе ечи во Прилеп и Долнени - започна „Пеце Атанасовски“
-

Преглед на вестите од светот
-

Tема на денот со Гордана Сиљановска Давкова, претседателка
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
