Македонија
15. July 2026 - 16:38

МВР го уапси Александар Лазаров од Кочани, кој преку прозорец избега од полициска станица

Александар Лазаров познат како Цуна падна в рацете на полицијата, откако претходно преку прозорец избега од полициската станица во Кочани. МВР за него распиша централна и меѓународна потерница, по што вчера бил уапсен од страна на органите на прогонот во Скопје. Тој е осомничен за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а му се заканува затворска казна од три до 10 години.

По неговото апсење се огласи и директорот на БЈБ кој кажа дека законот важи за сите и дека правдата го стигнува секој. Но, Јанев најави дека случајот со фаќањето на бегалецот не завршува, туку продолжува со внатрешна истрага.

-„Сакам јасно да порачам дека со пронаоѓањето на бегалецот не завршува и нашата обврска за целосно расчистување на случајот. Внатрешната истрага продолжува и секој што со постапување или непостапување придонел за овој настан ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури. Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има“, напиша Јанев на Фејсбук.

Акцијата ја поздравија и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот кажа дека со апсењето на Цуна, во вода паднале сите лаги на СДСМ.

-„Неколку дена ги слушаме како дилерот од Кочани му бил отворен прозорот па потоа избегал еве вчера е приведен, однесен е онаму каде што му е местото во затвор. Ние ќе се соочиме со една небулоза на опозицијата, тие колку повеќе лажат толку повеќе тонат“, Христијан Мицковски, премиер.

Цуна пред четири дена успеа на филмски начин преку прозорец да побегне од полициската станица од Кочани. Опозициската СДСМ во повеќе наврати ја обвини власта за неспособност и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.