МВР: Цивилните дронови веднаш да се приземјат при појава на полициски хеликоптер, во спротивно следи кривична

Министерството за внатрешни работи ги известува сите граѓани на Република Северна Македонија, а особено сопствениците и операторите на беспилотни воздухоплови – дронови, дека поради зголемениот обем на летачки активности на Одделот за воздухопловни единици, како и интензивниот ангажман на хеликоптерите на МВР во активности за гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи на целата територија на државата, потребно е доследно почитување на правилата за безбедно користење на воздушниот простор.
Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани.
Од тие причини, МВР упатува сериозен апел и предупредување:
Лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со беспилотни воздухоплови – дронови и немаат соодветни одобренија, регистрации или сертификати кога тие се задолжителни, да не вршат операции со дронови спротивно на важечките прописи.
Операторите кои ги исполнуваат пропишаните услови се должни операциите да ги вршат исклучиво во согласност со важечките воздухопловни прописи, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, вклучително и потребните најави и координација со надлежните служби за контрола на летањето, кога тоа е пропишано.
Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот.
Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина.
Особено нагласуваме дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Судир на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување, губење на контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и на лицата и имотот на земја.
Ризикот е дополнително зголемен при операции за гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини, во услови на чад, намалена видливост, турбуленција и високо работно оптоварување на екипажот, при што навремено забележување и избегнување на мал беспилотен воздухоплов – дрон може да биде исклучително тешко.
Појавата на дрон во оперативната зона може да доведе и до целосен прекин или одложување на летачките операции, со што директно се намалува ефикасноста на интервенцијата и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
Министерството за внатрешни работи ќе презема соодветни мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со беспилотни воздухоплови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на законските обврски и за дејствија со кои се создава опасност за воздухоплов, екипаж или други лица, ќе се преземаат прекршочни и, кога се исполнети законските обележја, кривични мерки согласно важечките прописи. За слични вакви евидентирани случаи надлежните служби веќе постапуваат во рамките на своите законски овластувања.
Министерството апелира до сите граѓани и оператори на дронови да покажат максимална одговорност и дисциплина.
Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите.
Ново на Сител
-

Разнесени трупови на еутанизирани овци, сточарите бараат итна реакција од АХВ
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Христијан Мицкоски, претседател на Владата
-

Здравство преку СМС ќе ги информира граѓаните од засегнатите општини како да се заштитат од западнонилска треска
-

Анализите од ЦЈЗ Тетово покажале исправна вода, Клековски: Да се објават и останатите резултати
-

Пожарот во Мариово ќе гори со денови, ако ја премине Црна или патот ќе прерасне во најголем пожар во регионот
-

Охриѓанецот Дарко со владин авион транспортиран во Берлин
-

Средба Муцунски – Мацинка: Членството на Македонија во ЕУ приоритет за Чешка
