Муцунски од Израел: Директна авиолинија Тел Авив–Скопје или Охрид, унапредување на соработката во туризмот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“, дадено во рамките на неговата прва посета на Израел во својство на министер, го истакна потенцијалот Република Северна Македонија да се позиционира како важна влезна точка кон Европа за израелските туристи, компании и инвеститори. Во тој контекст, посебен акцент беше ставен на иницијативата за воспоставување директна авиолинија Тел Авив–Скопје или Тел Авив–Охрид, со цел дополнително да се поттикнат туристичката размена, деловните контакти и економското поврзување меѓу двете земји - соопшти денеска прес-службата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
- Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети -истакнал Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија нагласил дека амбицијата оди подалеку од туризмот. Стратешката местоположба на државата на пресекот на двата значајни европски транспортни коридори – коридорите 8 и 10 – како и инвестициите во енергетската поврзаност, создаваат можности таа да биде влезна точка за израелските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европските пазари.
- Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз - порачува Муцунски, посочувајќи дека токму во овие области постои значителен заемен интерес.
Во интервјуто е истакнат и поширокиот потенцијал за унапредување на соработката во земјоделството, управувањето со води, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.
Муцунски нагласил дека одличните билатерални односи со Израел треба да се подигнат на следно ниво и да се преточат во поконкретна соработка во повеќе области од заемен интерес. Притоа, посочил дека засилената динамика на политички контакти е резултат на јасна определба на Владата за натамошно продлабочување на партнерството.
- Од формирањето на Владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика - истакна министерот Муцунски.
Во интервјуто беше посочена и зголемената динамика на контакти меѓу двете земји во изминатиот период, вклучително и парламентарната делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи, која во јануари остварила средби со претседателот на Кнесетот, Амир Охана, и со други израелски претставници.
Посетата и разговорите во Израел, според Муцунски, претставуваат можност постојната позитивна динамика во билатералните односи дополнително да се надгради преку посилни економски врски, поголема туристичка размена и нови можности за инвестиции и деловна соработка.
МИА
Ново на Сител
-

Со надчовечки напори на пожарникарите изгаснат голем пожар над Дебар
-

Родригез: Договорот за нафта со САД ќе биде во сила 25 години
-

Поплави во Јапонија, 111.000 луѓе повикани да се евакуираат
-

Земјотрес од 4,5 степени почувствуван на југот на Албанија
-

Силно невреме го зафати вчера Кочани, делови од градот останаа без струја
-

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност
-

Ставен под контрола пожарот во Преспа кој навлезе во Националниот парк Пелистер
-

Големо невреме со пороен дожд, грмежи и град северозападно од Куманово
