Македонија
2. јуни 2023 - 16:31

Можна ли е забрзана интеграција со новиот пристап за проширување?

Иницијативата за забрзана интеграција на Западниот Балкан доаѓа од случувањата во Украина, а не од желба за брзо проширување. Но Македонија мора да го зграпчи моментот и да ја искористи политичката волја на европските лидери.

Но што оваа иницијатива ќе значи во пракса за Македонија?

Зоран Нечев од Инситутот за демократија, Социетас Цивилис вели дека ова не е никаков нов пристап на Брисел.

-Тој е вметнат во постоечките документи. Но, она што е важно е пројавувањето на одреден вид на политичка волја за тие работи да се имеплементираат побргу. Значи, повеќето од работите веќе постоеја само сега да се даде некој импетус за побрзо да се спроведуваат работите од страна на ЕУ. Тоа беше пропратено и со изјава дека земјите од Западен Балкан треба повеќе да се посветат на реформите, преку што би добиле и повеќе средства од Европската Унија, вели Нечев.

Според експертите, во наредниот период ќе бидеме сведоци повеќе изјави кои ќе им даваат ветер во грб на земјите од Западен Балкан.

-Сега во овој период, се до изборите во Европскиот Парламент наредната година ќе гледаме зачестени вакви изјави во насока на подготовка на тоа што ќе следи по изборот на новиот ЕП и стапувањето во сила на новата Европска Комисија која се повеќе и повеќе гледаме дека ќе биде посветена на процесот на проширување, вели Нечев, вели Нечев.

Според Сефер Селими од Демокраси лаб, новиот пристап кој го презентираше Фон дер Лајен, би требало да придонесе до зближување на земјите-кандидати до ЕУ.

-Тоа поддржано од изјавата на претседателот Макрон, кој важеше за еден од скептиците на забрзаното проширување на Европската Унија, особено кон Западен Балкан ми дава да верувам дека во ЕУ, но и кај главните лидери, поради тоа што Германија отсекогаш бил лидер во поддржувањето на прошурувањето, мислам дека коцките веќе се вклопуваат за да можеме да очекуваме дека за многу краток рок ќе можеме да видиме резултати, рече Селими во изјава за Сител.

Но дали Македонија има капацитет за спроведување на потребните реформи кои ќе значат и повеќе пари за државата? Селими вели дека тоа ќе значи оти Брисел многу повеќе ќе се инволвира во реформските процеси.

-Мислам дека времето кадешто ЕК била само набљудувач и скројуваше некои извештаи за текот на реформите и состојбите во овие земји ќе се примени во директна и поголема инволвација од страна на ЕК во испорачување на овие реформи, рече Селими.

Сега земјите од Западен Балкан ќе бидат пред предизвик да покажат искрена политичка волја за спроведување на реформите кои ги бара Брисел.

Оваа иницијатива, доколку навистина даде резултати би можела да ја подобри довербата во ЕУ, со оглед на тоа што во Македонија таа континуирано паѓа во последниот период.